Нов тактички тренд на СП – голови од прекин

189

СП 2018 постави рекорд – 68 гола на 63 меча (без финалето Франција – Хрватска) постигнати од прекин (корнер, слободен удар), објави ФИФА во својата анализа. Претходниот рекорд беше од СП 1998 со 62 такви гола. Од 32-те селекции во Русија, 15 постигнаа барем половина од своите голови од прекин

Прекините се покажаа како важна алатка за постигнување голови на Светското првенство во фудбал во Русија. Минатата сезона во Лигата на шампионите по 45 корнери беа постигнати голови, а на СП 2018 имаше 30 такви ситуации. Тоа покажува ефикасност, но и брзина на мислата и на акцијата – изјави Енди Роксбор, член на Техничката комисија на Светската фудбалска федерација (ФИФА), на брифингот на кој ги објаснуваше тактичките трендови на СП 2018.
СП постави уште еден нов рекорд – 68 гола на 63-те меча (без финалето вчера помеѓу Франција и Хрватска) постигнати од прекин (корнер, слободен удар), објави ФИФА во својата анализа пред финалниот дуел. Претходниот рекорд беше од СП 1998, со 62 такви гола. Погодокот број 67 беше постигнат во полуфиналето во Санкт Петербург, кога Франција го постигна победоносниот гол по центаршутот од корнер, а 68-от гол беше погодокот на Англија директно од слободен удар на мечот со Хрватска. Од 32-те селекции во Русија, 15 постигнаа барем половина од своите голови од прекин.

Зошто се прекините толку ефективни на овој турнир? Според анализата на сајтот на ФИФА, прво, за селекциите да дојдат до ваква ситуација мора да се изборат за прекршок, а судиите добија и посебни параметри пред СП, што донесе да бидат воочени и досудени повеќе прекршоци. Тоа најмногу се виде во шеснаесетниците, бидејќи беа досудени рекордни 28 пенали (21 реализиран). Оваа зголемена будност веројатно значеше дека одбранбените играчи не се така борбени во бранењето на просторот, што на напаѓачите им даде повеќе простор за реализација по корнер или по слободен удар.
Пет од 11-те гола во четврт-финалето и два од четирите во полуфиналето беа постигнати по прекин. На СП 2018 некои репрезентации се откажаа од поседот на топката, за да се фокусираат на цврстината на одбраната, вели анализата на сајтот на ФИФА. Така, при кратките подготовки полесно е да се уигра одбраната, отколку нападот. Како резултат на тоа, повеќе топки завршија во шеснаесетникот што донесе повеќе пенали, прекршоци околу шеснаесетникот или топките беа исфрлани во корнер, а и контранапади беа сопирани со прекршоци или со исфрлања во корнер. Сето тоа ги намали шансите за гол од игра.

– Послабите селекции повеќе тренираат одбрана, затоа што тоа е полесно да се тренира. Тоа на посилните тимови им ја отежнува работата околу постигнувањето гол, тие се соочени со проблем што мора да го решат и тоа води кон зголемено значење на прекините – вели за ФИФА, Томас Хицлшпегер, поранешен германски интернационалец.
Вежбањето прекини е побрзо и поефикасно отколку работење на ефикасни напаѓачки движења, пишува во анализата на ФИФА. Зголемен е бројот на тимови што имаат специјални тренери за вакви ситуации, кои развиваат идеи и варијации, за да бидат тренирани за време на кратките подготовки за СП.
– Употребивме многу време на прекините, навлегувајќи до најситни детали, како тоа кој каде трча и тоа кој кого блокира – вели Рубен Лофтус-Чик, плејмејкерот на Англија, која со деветте гола од прекини постави нов рекорд на мундијалите, за еден повеќе од ефектот на Португалија на СП 1966.

Дополнително, прекините се многу тешки за бранење. На пример, без разлика дали се употребува маркирање еден на еден или зона или мешано двете, при корнер доволно е еден играч предоцна да реагира или да ја одбие топката на погрешна страна и противникот да добие шанса за гол. Многу потешко е да се тренира ефикасна одбрана од прекини отколку одлично да се изведе еден, пишува во анализата на ФИФА.