Нов рекорд – Македонија 10 меча е без пораз

133

Фудбалската репрезентација на Македонија со победата над Лихтенштајн, со 4-1, постави нов рекорд во серија мечеви без пораз. Серијата на црвено-жолтите сега изнесува 10 натпревари во низа без пораз, шест победи и четири нерешени средби (од тоа шест во квалификациски средби, со Италија 1-1 на гости, Израел 1-0 на гости, Албанија 1-1 дома, Лихтенштајн 4-0 и 4-1, двете дома, Гибралтар 2-0 дома и со Ерменија 2-0 дома, како и три пријателски, со Норвешка 2-0 дома, Финска 0-0 и со Азербејџан 1-1, двете на неутрален терен). Вкупната гол-разлика е 18-4, од тоа 15-2 дома, 2-1 на гости и 1-1 на неутрален терен.
Македонија нема пораз 16 месеци, од 11 јуни 2017 година, од поразот од Шпанија, дома, со 1-2, во квалификациите за СП 2018 во Русија.


Македонија е лидер во лигата Д

По три кола Македонија е најуспешна меѓу првопласираните репрезентации во лигата Д. Ако остане ваков распоредот и по шестото коло, тогаш во полуфиналето на плејофот во март 2020 година Македонија би играла дома со Косово, а Грузија би ја пречекала Белорусија (играат првата против четвртата селекција, а втората против третата репрезентација од таа мини-табела на првопласираните). Домаќинот на финалето на плејофот, пак, ќе биде извлечен со ждрепка во ноември 2019 година. Победникот ќе се пласира на Европското првенство (ЕП) 2020 година.

ПЛАСМАН НА ПРВОПЛАСИРАНИТЕ
Македонија 3 3 0 0 8-1 9
Грузија 3 3 0 0 6-0 9
Белорусија 3 2 1 0 6-0 7
Косово 3 2 1 0 5-1 7


Алиоски со три гола е водечки стрелец

Македонскиот репрезентативец Езгијан Алиоски е осамен на листата на стрелците во лигата Д. Тој постигна по еден гол на секој од трите меча и сега има три гола, еден повеќе од 10 фудбалери, меѓу кои се Горан Пандев и Александар Трајковски. Осмиот гол досега во групата 4 за Македонија го постигна Иван Тричковски, кој на мечот со Лихтенштајн во неделата не настапи поради повреда.


Се наѕира фајналфорот во лига А

По два одиграни меча во четирите групи во најсилната, лига А, на новото натпреварување во Европа, Лигата на нациите, на водечките позиции се најдоа светскиот првак Франција, бронзената селекција од Мундијалот годинава, Белгија, како и пиринејските фудбалски гиганти, Португалија и Шпанија. Во групната фаза на лигата А се останати уште по два меча за секоја репрезентација. Првопласираните ќе играат во плејофот за титулата, идната година.
Победниците на групите во лигите Б, Ц и Д ќе се пласираат еден ранг погоре за идното издание на Лигата на нациите. Најслабите селекции во секоја од групите во лигите А, Б и Ц ќе играат еден ранг подолу во новата сезона. Победниците, пак, на секој од четирите фајналфор-турнири во четирите лиги ќе се пласираат на Европското првенство во 2020 година.


Прв триумф на Гибралтар по 22 пораза!

Репрезентацијата на Гибралтар направи огромно изненадување совладувајќи ја Ерменија на гости во Ереван, со 1-0. Тоа е прв, историски триумф за Гибралтар на официјалните натпревари, по 22 пораза во низа.
Стрелец на победоносниот гол за Гибралтар, кој се нарекува и Тим 54, бидејќи е примен како 54-та земја-членка на УЕФА, беше капитенот Џозеф Чиполина, во 50-та минута, од пенал.
Пред мечот Ерменците направија гаф и, наместо химната на Гибралтар, ја пуштија на Лихтенштајн! Подоцна следуваше извинување за непријатноста и пропустот, кое гостите го прифатија.
Гибралтар, кој беше примен во УЕФА во 2013-та, настапи во квалификациите за ЕП 2016 и за СП 2018 и ги загуби сите натпревари, примајќи повеќе од 100 гола на 20 меча. Единствените две победи Гибралтар ги забележа на пријателските средби против Малта и Летонија. Л.Д.