Нов повик за ограничување на платите во фудбалот

65

Сегашната криза нуди можност да погледнеме напред и да го репозиционираме фудбалот, за да го зачуваме за идните генерации, вели првиот човек на Германската фудбалска асоцијација, Келер, кој со директорот на Баерн, Румениге, ќе достави писмен предлог до УЕФА да се воведе ограничување на платите

Претседателот на Германската фудбалска асоцијација (ДФБ), Фриц Келер, предлага ограничување на платите на фудбалерите за да му се помогне на спортот по сегашната ситуација со пандемија на коронавирусот.
– Мораме повторно да го приближиме професионалниот фудбал до луѓето. Мораме да размислиме за ограничување на платите. Огромните суми за трансфери сѐ повеќе го иритираат општеството и го отуѓуваат од саканиот спорт. Сегашната криза нуди можност да погледнеме напред и да го репозиционираме фудбалот, за да го зачуваме за идните генерации – вели Келер на интернет-страницата на ДФБ, пренесува „Скај спорт“.
Келер вели дека разговарал со Карл-Хајнц Румениге, извршниот директор на Баерн, за идејата за ограничување на платите и дека за тоа ќе достават писмен предлог до претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин.

– Крајниот резултат мора да биде регулатива што е во согласност со европските закони, а се однесува и на Велика Британија. Тековната криза ги откри сите проблеми во фудбалот, кои претходно беа засенети од рекордни трансфери – вели Келер.
Румениге претходно изјави дека такво нешто пред неколку години предложил поранешниот претседател на УЕФА, Мишел Платини, чија идеја било да се следи моделот со платите што се користи во САД. Поранешниот претседател на Баерн, Ули Хенес, вели дека не верува оти во наредните години ќе има трансфери од над 100 милиони евра. Спортскиот директор на Јувентус, Фабио Паратичи, пак, предвидува дека фудбалот ќе почне да личи на НБА. Тоа би значело повеќе размени на играчи, наместо директни парични трансфери.