Нов обид меч од шпанското првенство да се игра во САД

31

Во јануари беше забранет мечот Барселона – Хирона во Мајами, а сега се чека дозвола за во САД да се игра дуелот Атлетико – Вилјареал

Ла Лига, која ги организира натпреварите во шпанското фудбалско првенство, побара дозвола од Шпанската фудбалска федерација (ШФФ) за да се игра натпреварот помеѓу Атлетико Мадрид и Вилјареал во Мајами (САД), во декември. И двата клуба се согласија на предлогот натпреварот да се игра на 6 декември на стадионот „Хард рок“ во Мајами, јави Би-би-си.

Ла Лига претходно во јануари годинава не успеа да ја организира средбата Барселона – Хирона во Мајами. Тогаш ШФФ и синдикатот на играчи (АФЕ) беа гласни во спротивставувањето на овој потег. Ла Лига сака да се игра еден натпревар сезонава во САД, како дел од 15-годишната зделка за ТВ-права, пишува Би-би-си.

– Овој натпревар ќе биде дополнителен момент во стратегијата за интернационализација на Ла Лига, која дава добри резултати за сите клубови. Веруваме дека во оваа пригода ќе можеме да ја реализираме оваа можност, како што веќе се прави во други лиги, како НФЛ и НБА, со мечеви надвор од нивните граници – вели претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас.