Ново клупско СП и лига на нации на дневниот ред на ФИФА

55

Промени во системот на натпревари на светското клупско првенство и формирање светска лига на нации се две од многуте точки на дневниот ред на состанокот на Советот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) в петок во Кигали, во Руанда.
Светското клупско првенство се одржува секоја година и настапуваат шампионите на континентите, плус еден тим од домаќинот на шампионатот. Според досегашните претпоставки, сега се предлага клупски мундијал со 24 екипи, првенство што би се играло секои четири години, една година пред Светското првенство за репрезентации, како замена за Купот на конфедерациите, почнувајќи од 2021 година.

Шпекулациите се дека 12 тима би биле од Европа, пет од Јужна Америка, по два од Северна Америка, Азија и од Африка и еден од Океанија, а би се играло во јуни. Екипите би биле поделени во осум групи со по три тима, а победниците би се пласирале во четврт-финалето

Новата лига на нации на ФИФА, пак, би се организирала според сличниот модел на дебитантската Лига на нациите на Европската фудбалска унија (УЕФА), со натпревари на сите континенти. За двете натпреварувања наводно бил предвиден висок награден фонд.
Покрај ова на состанокот на Советот на дневен ред е и идејата на шпанската фудбалска лига да организира мечеви надвор од Шпанија сезонава.