Новото светско клупско првенство и лигата на нации ќе почекаат

168
Џани Инфантино

УЕФА е против новите натпреварувања, бидејќи новото светското клупско првенство би ги намалило приходите во Лигата на шампионите (ЛШ), а со создавањето глобална лига на нации, ФИФА би ги презела комерцијалните права

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, ја одложи одлуката за новото попрофитабилно светско клупско првенство и лига на нации, во услови на широкораспространета опозиција.
На прес-конференцијата во главниот град на Руанда, Кигали, каде што се состана советот на ФИФА, Инфантино рече дека работната група ќе достави „конкретни предлози“ на состанокот во Мајами, САД, следниот март.

Плановите беа остро критикувани од противниците, кои посочуваат дека меѓународниот календар веќе е пренатрупан и го обвинија претседателот на ФИФА дека овие проекти ги користи за добивање гласови за реизборот во јуни следната година. Извори за АФП велат дека Инфантино ги повлекол предлозите за новите натпреварувања откако делегатите на Европската фудбалска унија (УЕФА) се заканиле дека ќе го напуштат состанокот. УЕФА е против новите натпреварувања, бидејќи новото светското клупско првенство би ги намалило приходите во Лигата на шампионите (ЛШ), а со создавањето глобална лига на нации, ФИФА би ги презела комерцијалните права за сите лиги на нациите.

Инфантино се обидува да го трансформира Светското клупско првенство со тоа што ќе го зголеми од седум на 24 клуба, од кои 12 би биле европски. Тоа би се одржувало секои четири години (постои и предлог тоа да се одржува секоја година), наместо секоја година во декември како досега.

Вториот проект на Инфантино е почнување со глобална, биенална лига на нации, еден вид мини-светско првенство со осум национални тима. УЕФА неодамна лансира своја Лига на нации.

Инфантино вели дека има обезбедено 25 милијарди долари во текот на 12 години за двете натпреварувања од група инвеститори, кои „Фајненшл тајмс“ ги идентификува како Софт Банк од Јапонија, поддржана од Саудиска Арабија.

Инфантино вели дека би било подобро ФИФА да организира турнир што ќе ги редистрибуира парите отколку најдобрите европски клубови да патуваат во странство (во САД, Сингапур, Австралија) за да играат пријателски натпревари за пари.
ФИФА го одобри пакетот предлози за реформа на системот за трансфери, вклучувајќи го повторното издавање лиценци за агентите на играчите и за ограничување на бројот на играчите што можат да бидат позајмени од клуб на клуб.