Нови фудбалски правила за играње со рака, измени, пенали…?

344

ИФАБ разгледува неколку измени, како и појаснувања на правилото за играње со рака, со прецизно одредување на положбата на раката при ударот на топката, за да се знае точно што е прекршок

Фудбалските законодавци се согласиле дека правилото за игра со рака треба да претрпи измени за да се избегнат казни за ненамерна игра со рака, јавија британски медиуми. Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ), кој заедно со Светската фудбалска федерација (ФИФА) е задолжен за измени на правилата, на состанокот во Глазгов решил да се разгледаат некои делови од правилникот и да се употребат попрецизни и појасни зборови за различни прекршоци при играње со рака.

Најважното појаснување се однесува на „ненамерно“ играње со рака. Постојано се дебатира за тоа што се смета за намерно, а прекршоци се судат и за случаи по шут од многу мала оддалеченост. Се претпоставува дека измена ќе има со исфрлање на зборот „намерно“ од правилото и дека ќе се дефинира со поставеноста на рацете во неприродна положба при контактот со топката, но допрва треба да се стигне до согласноста за тоа што ќе биде таа „неприродна положба“ на раката, пишува британскиот „Телеграф“.

Еден предлог е таа положба да биде ако раката е крената над рамениците, како и ако рацете се поставени во позициите „осум“ и „четири“ на замислениот часовник со стрелки. Згора, би бил поништен секој гол постигнат откако топката се одбила од раката на напаѓачот.

ИФАБ има и два нови предлога, за кои ќе се гласа на генералното собрание во март в година. Едното е играчот што ќе биде заменет да го напушти теренот преку најблиската аут-линија (сега задолжително излегува на средината од теренот, кај четвртиот судија), за да се спречи непотребно трошење време. Другото е да се напушти системот за изведување пенал-серии, т.н. АББА, оценет како премногу комплициран. Според овој систем, со кој се експериментира во помладите категории, прво еден пенал шутира тимот А, потоа двапати тимот Б, па двапати тимот А, итн., наместо како што е сега наизменично изведување по еден пенал.

Има и предлог изведувањето пенали во текот на мечот да биде „само еден шут“, односно, како и во пенал-сериите, да нема игра по одбиена топка од голманот или од рамката на голот.

На состанокот се дискутирало и за други мерки, како што е да се забрани напаѓачките фудбалери да прават мешаница во противничкиот жив ѕид, како и тоа да се воведе можноста за покажување жолти и црвени картони за официјални лица на тимовите. Се разгледуваат и предлози како тој за голманите да постават барем една нога на гол-линијата при изведување пенал, како и тоа топката да не мора да излезе од шеснаесетникот при изведување гол-аут, пред да ја прими соиграчот итн.