Ништо не е случајно во успехот на Хрватска

325

Хрватска има искусен тим (27,8 години и 50 настапи во просек за репрезентацијата), со повеќе клучни играчи на европски гиганти и долгогодишна развиена школа. Хрватска од осамостојувањето пропушти само по едно сениорско ЕП и СП, има бронза од СП 1998, но и бронза од младинското ЕП 2010 и осминафинале од младинското СП 2013, од каде што се дополни актуелната селекција на СП 2018

Хрватската фудбалска репрезентација со право го живее својот сон на Светското првенство (СП) во Русија, откако се пласира во своето прво, историско финале, по победата во полуфиналниот дуел над Англија со 2-1. Од нејзиното осамостојување, Хрватска апстинирала само од две големи фудбалски манифестации, Европското првенство во 2000 година и СП 2010, што доволно говори за константноста на „коцкастите“, чија просечна возраст на играчите изнесува 27,8 години и во која моментно играат дури 21 интернационалец од вкупно 23 репрезентативци.
Сите фудбалери пред почетокот на СП имаа вкупно 1.153 настапи за Хрватска или во просек 50 по играч, а отскокнуваат Лука Модриќ (со 111), Ведран Ќорлука (со 102), Иван Ракитиќ (со 97), Марио Манџукиќ (со 87), Иван Перишиќ (со 71), Домагој Вида (со 63)…

Но, она што ја карактеризира оваа селекција фудбалери е и фактот што од фудбалската школа на хрватскиот клуб Динамо од Загреб потекнуваат и најмногу фудбалери меѓу полуфиналистите на ова СП, вкупно 10. Тоа се Шиме Врсаљко, Ведран Ќорлука, Дејан Ловрен, Матео Ковачиќ, Андреј Крамариќ, Лука Модриќ, Тин Једвај, Милан Бадељ, Марко Пјаца и Јосип Пивариќ. На оваа необична листа следуваат премиерлигашот Манчестер јунајтед и белгиските екипи Андерлехт и Стандард, со по пет репрезентативци што фудбалски изникнале во тие клубови, барем според дефиницијата на Европската фудбалска унија (УЕФА), во која играчи што изникнале во фудбалската школа се сметаат оние што поминале најмалку три сезони во една средина помеѓу15-та и 21-та година.
Понатаму 14 од 22 фудбалери во сегашната репрезентација на Хрватска играле во еден дел од кариерата во Динамо (63 отсто), потоа дека „сините“ биле веднаш до Реал Мадрид по бројот на „домашни“ играчи во годинешнава Лига на шампионите (ЛШ).
Ако се анализира поединечно, тука секако предничи играчот на Реал Мадрид, Модриќ, кој претставува комплетен фудбалер за врска, способен да игра на сите позиции во средината на теренот. Има беспрекорна техника, одличен преглед на теренот и прецизно додавање, кој дава динамика на играта. Има одличен прв допир до топката, брз чекор, со кој може лесно да се ослободи од својот чувар, неуморен тркач, прецизен шут од далечина, што го прават еден од најдобрите светски играчи за врска. Тој има голем придонес за овој успех на Хрватска, но и за титулата на Реал Мадрид во ЛШ.

Тука, секако спаѓа и вториот играч за врска Иван Ракитиќ, без кого и денешна Барселона не би била тоа што е. И тој е комплетен играч со прецизен удар, посебно по прекин. Тој има одличен преглед на играта и квалитетна техника, проигрување и борбеност до крајот на натпреварот. Во оваа група се и напаѓачите Марио Манџукиќ (31 гол) и Иван Перишиќ (19 гола), и одбранбените играчи Ќорлука, Ловрен, Вида, предводени од одличниот голман Даниел Субашиќ со 42 репрезентативни настапи.
Генерацијата хрватски фудбалери, која го освои бронзениот медал на СП 1998, загубувајќи од Франција во полуфиналето, а совладувајќи ја Холандија за третото место со 2-1, во која беа Давор Шукер, Звонимир Бобан, Роберт Просинечки, Роберт Јарни, Аљоша Асановиќ, Славен Билиќ, Игор Штимац, Дражен Ладиќ…, има славно минато и со титули младински светски првак, повеќекратни европски клупски титули, но сега е надмината од актуелната генерација, која на терените во Русија испиша нова историска фудбалска страница.
Како дополнение на систематската работа во Хрватска и податокот дека селекцијата до 19 години освои бронза од младинско ЕП 2010 (од тој состав на СП во Русија сега се Врсаљко и Крамариќ) и има пласман во осминафинале на СП 2013 за фудбалери со 20 години (во актуелниот сениорски состав од таа селекција се Марко Пјаца и Анте Ребиќ)…