Николов: Во Израел одиме да победиме

152

Израелците се во мала предност со тоа што играат на свој терен, ги респектираме,
но и веруваме во своите можности, изјави селекторот Игор Ангеловски, пред мечот задутре, во квалификациите за ЕП 2020

Фудбалската репрезентација на Македонија в четврток треба да му гостува на Израел, а потоа, в понеделник, и на Летонија, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година.
Поголемиот дел репрезентативци се јавија на вчерашната прва прозивка во Скопје и синоќа го одработија првиот тренинг. Селекторот Игор Ангеловски кажа дека Аријан Адеми се повредил на мечот Динамо – Хајдук и најверојатно нема да настапи на првиот меч во Израел, но и оти се надева дека тој ќе биде подготвен за дуелот со Летонија. На мала повреда се жали и Кире Марковски, но би требало сѐ да биде в ред со него до четврток.

– Очекувам да одиграме добро на двата следни меча и резултатски да поминеме многу подобро отколку на претходните два натпревара во јуни во Скопје, со Полска (0-1) и со Австрија (1-4). Израелците се во мала предност со тоа што играат на свој терен, ги респектираме, но и веруваме во своите можности. Имаме време за анализи, знаеме со што располагаат, и тие имаат некои проблеми со повредени играчи, но битно е да бидеме максимално концентрирани – вели селекторот, додавајќи дека не недостигаат мотиви и оти не е сеедно на кое место ќе заврши Македонија во групата.

Своевиден проблем за Ангеловски, кој најавува дека ќе нема некои поголеми промени во составот и во формацијата на играта во однос на претходните натпревари (4-4-2 и 3-5-2), е неиграњето на некои стандардни репрезентативци за своите тимови. Пред денешното заминување за Израел, во оптимистичко расположение беше и играчот од средниот ред Бобан Николов.

– Одиме да победиме. Нѐ очекуваат два тешки натпревара, но сметам дека имаме шанси и двата да ги добиеме. Оваа селекција покажа дека знае да игра добар фудбал, јасно, тука го изземам мечот со Австрија, тоа беше еден крајно лошо издание, сите потфрливме. Израелците ги победивме пред две години, нема да биде чудо ако и сега го повториме тоа – изјави Николов. 


ГРУПА Г
Израел – Македонија четврток
Австрија – Летонија петок
Словенија – Полска петок
ТАБЕЛА
Полска 4 4 0 0 8-0 12
Израел 4 2 1 1 8-7 7
Австрија 4 2 0 2 7-6 6
Словенија 4 1 2 1 7-3 5
Македонија 4 1 1 2 5-7 4
Летонија 4 0 0 4 1-13 0