Несторовски од Палермо се пресели во Удинезе

87

Во следните три сезони тој ќе го носи дресот на италијанскиот прволигаш во Серија А

Македонскиот фудбалски интернационалец Илија Несторовски во следните три сезони, со опција за уште една, четврта сезона, ќе го носи дресот на италијанскиот прволигаш во Серија А, Удинезе.

– Несторовски во минатите сезони покажа дека знае да постигнува голови во сите конкуренции, вклучувајќи ја и Серија А. Тој имаше повеќе понуди, но го избра Удинезе, за што сме му благодарни – изјави техничкиот директор на клубот од Удине, Пјерпаоло Марино.

Несторовски беше слободен играч, заедно со остатокот од тимот на Палермо, кој настапуваше во Серија Б, но неодамна банкротира и беше префрлен во Серија Д.
Тој е третиот македонски интернационалец, репрезентативец, по Горан Пандев во Џенова и Елиф Елмас во Наполи, што во следната сезона 2019/2020 ќе настапува во најсилната италијанска лига, во Серија А.

Несторовски (29) минатата сезона постигна 15 гола на 28 натпревари за Палермо, каде што дојде во 2016 година. Вкупно за сицилискиот тим, во Серија А и Б, тој даде 38 гола на 99 натпревари.

Несторовски во кариерата има настапувано за Победа Прилеп, Словачко, скопски Металург и Интер Запрешиќ од Хрватска, пред да се пресели во Палермо.