Нема да ги принудуваме фудбалерите да тренираат против нивна волја

78

Да, го сакаме фудбалот, да, тоа е наша работа, но не е поважно од нашите животи или од животите на другите луѓе, вели Клоп

ЈИРГЕН КЛОП, МЕНАЏЕР НА ЛИВЕРПУЛ

Менаџерот на Ливерпул, лидерот и најверојатниот нов шампион на англиската фудбалска Премиер-лига, Германецот Јирген Клоп вели дека нема да загрози ниту еден играч принудувајќи го да тренира против неговата волја. Шефот на „црвените“ во интервјуто за „Скај спортс“ говори за долгоочекуваното враќање на тренинзите и за тоа како Ливерпул ќе се подготви за продолжувањето на сезоната.

– На играчите им реков дека се тука по нивна слободна волја. Обично потпишувате договор и мора да бидете тука кога ќе ви кажам, но во овој случај, ако не се чувствувате безбедно, не мора да бидете тука. Нема ограничувања, нема казна, ништо. Никогаш не би довеле некого во опасност за да го постигнеме тоа што го сакаме. Да, го сакаме фудбалот, да, тоа е наша работа, но не е поважно од нашите животи или од животите на другите луѓе – вели Клоп.

На прашањето како се чувствува по повторната средба со играчите, Клоп вели: – Брилијантно, навистина уживав, момчињата се во добро расположение. Моравме да дојдеме веќе облечени за тренинг, па се чувствував како полицаец во униформа. Пред тренингот имавме кратка средба за тоа како ќе се тренира, а потоа малку повеќе за нашите цели. Тие имаа најдолга пауза досега, околу девет недели. Интернационалците обично имаат околу две недели одмор во текот на летото, така што треба да се навикнеме на многу работи.

Незапирливиот од на Ливерпул кон титулата беше запрен во ситуација кога имаше предност од 25 бода и е на шест бода до првата титула по 30 години. Останува нејасно кога Ливерпул ќе добие шанса да ја продолжи сезоната и да ја завери титулата, но Клоп инсистира дека враќањето на тренинзите е клучно за играчите да бидат подготвени.

– Не можеме да играме фудбал со физичко дистанцирање, очигледно, но во првата фаза од тренинзите е можно. Подоцна мора да одиме со нормалните работи што ги правиме на фудбалските мечеви. Видовте во Германија минатиот викенд имаше добри натпревари, имаше интензитет. Мораме да бидеме што е можно покреативни, бидејќи претсезоната обично почнува поинаку. Прво и најважно, во претсезоната знаете кога почнува сезоната, така што сега не смееме да правиме работи што обично би ги правеле на првите неколку тренинзи. Потребно е време за да се подготвиме за натпреварите и тоа е она што го правиме во моментов.

Ќе бидеме во најдобрата можна форма. Знаете, во претсезоните, менаџерите обично велат: „Не знаеме каде сме во овој момент, можеби ќе ни треба уште еден, два, три или четири натпревари за да знаеме повеќе за нашата ситуација“. Сега, предизвикот е сите да бидеме подготвени за првиот меч, кога и да е. Тоа е интересно. Ова е ситуација што не ни е позната. Никој не знае кога ќе се игра повторно. Колку порано ќе ни кажат, толку подобро – вели Клоп.