Некои клубови веќе немаат право на грешка во ЛШ

335
Салцбург сезонава игра ефикасен фудбал

Салцбург, кој на првите два натпревара во ЛШ сезонава постигна девет гола, го пречекува Наполи, кој уште не примил гол

Вечерва и утре ќе се играат 16 натпревари во третото коло од групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал, а официјалната страница на Европската фудбалска унија (УЕФА) издвојува неколку. Првиот е дуелот Галатасарај – Реал во групата А, во Истанбул. На двата тима им се потребни бодовите, бидејќи по две кола освоија само по еден бод. Галатасарај ремизира на гости со Бриж (0-0) и загуби дома од ПСЖ (0-1), а Реал освои еден бод дома против Бриж (2-2), а на гости во првото коло убедливо беше поразен од ПСЖ, 0-3. На досегашните седум меѓусебни средби три победи има Галатасарај, а четири Реал.

Финалистот од минатата сезона, Тотенхем е во серија лоши игри и резултати во Премиер-лигата и во ЛШ. По ремито во првата рунда со Олимпијакос (2-2), во Атина следуваше вистински дебакл на мечот против Баерн, дома, 2-7, Тотенхем ќе мора да се „вади“ против Црвена звезда, која во минатото коло го совлада Олимпијакос (3-1), а во првото загуби од Баерн на гости со 0-3. Тотенхем лани се пласира во полу­фи­на­лето на ЛШ иако по првите три кола во групната фаза имаше само еден бод, пишува УЕФА.
Од утрешните мечеви внимание привлекува мечот Салцбург – Наполи поради напаѓачката и ефикасна игра на австрискиот тим, кој во првите две кола, дома против Генк (6-2) и на гости против актуелниот европски првак, Ливерпул (3-4) постигна девет гола (еден помалку од засега водечкиот Баерн). Наполи, пак, е еден од петте тима што уште не примил гол сезонава во ЛШ. Ланската сезона во Лига Европа (ЛЕ), Наполи го елиминира Салцбург во осминафиналето, 3-0 и 1-3.

Интер во Милано ја пречекува Борусија Дортмунд. Победата за тимот предводен од Антонио Конте е императив со оглед на фактот дека во првите две кола освои еден бод, реми дома со прашка Славија (1-1) и пораз на гости од Барселона (1-2). Германскиот тим, пак, ремизира со Барса (0-0) и ја совлада Славија (2-0). Против Интер е и статистиката, која вели дека на последните шест меча против тимови од Германија забележа само едно реми, со пет порази, пишува УЕФА.

Двојки, 3. коло, денеска: Бриж – ПСЖ, Галатасарај – Реал (група А), Олимпијакос – Баерн, Тотенхем – Ц. звезда (група Б), Шахтар – Динамо З., Манчестер С. – Аталанта (група Ц), Атлетико – Баер, Јувентус – Локомотив М. (група Д). Утре: Салцбург – Наполи, Генк – Ливерпул (група Е), Интер – Борусија, Славија – Барселона (група Ф), Лајпциг – Зенит, Бенфика – Лион (група Г), Ајакс – Челси, Лил – Валенсија (група Х). Сите мечеви се од 21 часот, освен дуелите Шахтар – Динамо, Атлетико – Баер, Лајпциг – Зенит и Ајакс – Челси (сите од 19 ч.).