Недостижните барања на Реал не го откажуваат Интер од Модриќ

193

Раководството на Интер е подготвено да му даде висока плата на Лука Модриќ, за да го напушти Реал Мадрид во насока „Џузепе Меаца“. Според експертот за трансфери во Италија, Џанлука Ди Марцио, „нероаѕурите“ ќе понудат четиригодишен договор на хрватската ѕвезда со плата од 11,5 милиони евра.

Претседателот на „кралевите“, Флорентино Перез синоќа изјави дека нема да го пушти фудбалерот да замине за помалку од 750 милиони евра. Според Ди Марцио, позицијата на градежниот магнат може да се ублажи, откако ќе одржи разговор во четири очи со Модриќ.

Двајцата се во одлични односи и Перез може да постигне џентлменски договор со халфот и да го продаде за далеку помала сума, слично како што се случи со Кристијано Роналдо.

„Кориере дела Сера“ додава дека Интер ќе му понуди на Реал 15 милиони евра за позајмица на 32-годишниот Модриќ, а следното лето ќе потпише договор по уплатата на уште 25 милиони евра.

Модриќ игра на „Сантијаго Бернабеу“ од 2012 година, кога беше купен од Тотенхем за 35 милиони евра. Со Реал ја освои Лигата на шампиони четирипати, по еднаш титулата и Купот на Шпанија, има по три Суперкупови на УЕФА и Светското клупско првенство, како и два Суперкупа на Шпанија.

Досега Интер се засили со Раџа Наинголан од Рома за 38 милиони евра, Лаутаро Мартинез (Расинг Клуб, 16 милиони евра), Федерико Димарко (Сион, 7 милиони евра), Симе Врсаљко (Атлетико Мадрид, позајмица за 6, 5 милиони евра), Матео Политано (Сасуоло, позајмица за 5 милиони евра), а Стефан де Врај (Лацио) и Квадрво Асамоа (Јувентус) беа земени како слободни фудбалери.