Недоигрување на сезоната Премиер-лигата би ја чинело 842 милиони евра

35

Доколку сезоната продолжи, натпреварите речиси сигурно би се играле без публика

Фудбал

Англиската фудбалска Премиер-лига се соочува со парична казна од 762 милиони фунти (842,6 милиони евра) доколку не продолжи сезоната. Ваквата казна би се применила доколку ТВ-компаниите побараат враќање на парите за натпреварите што нема да се одиграат, а со тоа нема ниту да се пренесуваат, пишува „Би-би-си“.
За време на видеосостанокот со Здружението на професионални фудбалери (ПФА) на Англија што траел помалку од еден час, Премиер-лигата објаснила и зашто сака на играчите да им бидат намалени платите за 30 отсто. По ова на клубовите и на играчите им е дадено време да разговараат за овие предлози, бидејќи Премиер-лигата не е овластена да донесе таква одлука без согласност од играчите и од тренерите, пишува „Би-би-си“.

За време на состанокот, Премиер-лигата соопштила дека доколку продолжи сезоната, натпреварите речиси сигурно ќе се играат без публика. Исто така, било предупредено дека покрај казните што би им се платиле на ТВ-компаниите, стотици милиони фунти би можеле да бидат загубени од спонзорите и од приходите на денот на одигрување на натпреварите.
Премиер-лигата пред неколку дена објави дека од играчите ќе побара намалување на платите за 30 отсто за да се заштитат работните места на не-фудбалските лица вработени во клубовите. „Би-би-си“ пишува дека постојат повеќе прашања што треба да се решат, како и тоа дека ПФА и водечките агенти на фудбалерите сметаат оти во оваа фаза повеќето се за одложување, отколку за намалувањето на платите.