На Роналдо и на Меси им се отвора патот кон финалето!

140
Голот на Роналдо на мечот со Ајакс

На гостувањата, во првите четвртфинални натпревари во ЛШ, Јувентус ремизира против Ајакс (1-1), а Барселона го совлада Манчестер јунајтед (1-0)

Како што се одвиваат работите лесно може да се случи во големото финале на Лигата на шампионите (ЛШ), на 1 јуни на стадионот „Метрополитано“ во Мадрид, да се сретнат Јувентус и Барселона, тимовите на двајцата најдобри фудбалери на денешнината, Кристијано Роналдо и Лионел Меси, кои ја обележаа минатата декада и кои, меѓу многубројните трофеи и признанија, имаат освоено вкупно осум титули првак на Европа. Впрочем претстојат реванши, потоа и полуфинални пресметки, но нивната форма и квалитет, секако и на нивните тимови, се своевидна гаранција за таква прогноза.

Јувентус ремизира на гости против Ајакс (1-1) на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам, а во фокусот на вниманието повторно беше Роналдо, стрелецот на победоносниот гол за „старата дама“, петти сезонава, шести на „Јохан Кројф“ во ЛШ (колку што има дадено и Златан Ибрахимовиќ), осум на последните пет меча против Ајакс, вкупно 125-ти, рекорден во ЛШ. Втор на листата најдобри стрелци во ЛШ е Меси со 108 гола.

– Роналдо покажа дека е на различно, повисоко ниво од сите други. Неговата способност да го погоди моментот и движење се разликуваат, тој е играч што едноставно има друга, посупериорна техника. Ова е добар резултат, подобар од 0-0 бидејќи постигнавме гол на гости, но работата сѐ уште не е завршена – изјави тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри.

Првиот гол во ЛШ Роналдо го даде на истиот ден пред 12 години, на 10 април 2007-та, на мечот Манчестер Ј. – Рома, 7-1. За него ова беше прв натпревар по оној против Атлетико на кој даде три гола, а потоа го повреди мускулот на мечот Португалија – Србија во квалификациите за ЕП 2020 во март.

Младиот тим на Ајакс предводен од Френки де Јонг и Матијас де Лајт, не забележа победа ниту на седмиот нокаут меч во ЛШ на домашен терен (четири ремија и три порази), а последната победа ја постигна над Борусија Д., во четврт-финалето во 1995/96-та. Но Ајакс не смее да се потцени бидејќи не респектира никого претерано што се виде и во минатата рунда кога го елиминира актуелниот првак Реал и тоа по поразот во првиот меч дома од 1-2. Барса не одигра на највисоко ниво, но и тоа беше доволно за минимална победа на гостувањето на „Олд Трафорд“ против Манчестер јунајтед (1-0), кој не упати ниту еден удар кон голот на Андре Тер Штеген, првпат по март 2005-та и четвртфиналниот меч против Милан.

Меси не блескаше, беше добро затворен, а во еден дуел Крис Смолинг ненамерно го удри по носот по што тој заврши на тревата со обилно крвавење. Според првите извештаи, не станува збор за потешка повреда за која е потребна поголема пауза и за очекување е тој да биде во стартната постава на реваншот во вторник.

За Барселона сезоната приоритет е титулата во ЛШ. Победата во првиот меч дава надеж за пласман меѓу најдобрите осум, на што треба да се придодаде и фактот дека Каталонците се во серија од 30 меча без пораз на „Ноу Камп“ во ЛШ (27 победи и три ремија).