На ЕП и со мобилни билети

32

Европската фудбалска унија очекува преку својата апликација, која ќе биде достапна во мај, да достави вкупно над еден милион мобилни билети за сите натпревари на ЕП 2020

Со вкупно 28,3 милиони барања за билети, Европското првенство (ЕП) годинава е најголемото континентално натпреварување досега, информира Европската фудбалска унија (УЕФА). Билетите ќе бидат дистрибуирани до гледачите преку нов систем за мобилни билети што ќе го направи влегувањето на стадионот непречен и безбеден, информира УЕФА.

Новиот напреден систем за мобилни билети ќе обезбеди сигурна дистрибуција на билетите и ќе помогне да се спречи дуплирањето на билетите, при што QR-кодовите се активираат само преку блутут-врската, откако гледачите ќе бидат во близината на стадионот, пишува на интернет-страницата на УЕФА. Проектот за мобилни билети на УЕФА за ЕП 2020 се базира на успешната употреба на ваков систем на фајналфор-турнирот на Лигата на нациите во јуни лани. За четирите меча во Португалија до мобилните телефони биле успешно доставени над 110.000 билети (што е 80 отсто од достапните билети).

Гледачите што купиле билети за ЕП 2020 во текот на фазата на продажба во декември 2019 година и што ќе купат подоцна, ќе ги добијат своите билети како мобилни билети преку апликацијата на УЕФА, која ќе биде достапна за преземање кон крајот на мај за телефони со Андроид и иОС, информира УЕФА. Влезниците за мобилни телефони ќе бидат доставени до апликацијата најдоцна седум дена пред натпреварот. УЕФА очекува да достави вкупно над еден милион мобилни билети за сите натпревари на ЕП.

Досега во Европската фудбалска унија се стигнати барања за билети од луѓе од над 200 земји, па решението за мобилни билети во голема мера ќе помогне во дистрибуцијата на билетите низ целиот свет. Покрај тоа, УЕФА е посветена да обезбеди одржливост на ЕП 2020 и со повеќе од еден милион мобилни билети да придонесе за оваа цел со значително намалување на бројот на хартиени билети во споредба со претходните турнири, објави европската куќа на фудбалот.

Можноста за испорака на мобилни билети неколку дена пред одредената средба значително ќе го подобри патувањето на гледачите, бидејќи тие повеќе нема да треба да ги посетуваат местата за подигање на билетите. Згора, откако ќе ги преземат своите мобилни билети, единствено што ќе треба да направат е да го активираат блутут-системот кога ќе се приближуваат кон стадионот и да обезбедат целосно наполнет мобилен телефон, пишува УЕФА.

Европското првенство годинава е славеничко, се одржува 60 години по првото и ќе се игра во 12 града (Лондон, Рим, Амстердам, С. Петербург, Минхен, Баку, Будимпешта, Букурешт, Даблин, Глазгов, Билбао и Копенхаген).