Најплатените 100 спортисти заработиле четири милијарди долари

172

Меси е само вториот фудбалер на врвот на годишната листа на „Форбс“, на чија листа годинава за влез меѓу првите 100 била потребна заработка од 25 милиони долари

Елитните спортисти заработуваат повеќе од кога и да е благодарение на зголемените плати овозможени од постојано побогатите ТВ-договори, објави „Форбс“, најавувајќи ја годинашната листа на спортисти со најголема заработувачка во текот на 12 месеци. За влез меѓу 100-те најплатени спортисти во светот годинава беа потребни 25 милиони долари заработка, во споредба со 17,3 милиони долари од пред пет години, објави „Форбс“.

Овој магазин три децении ги следи водечките на листата со заработка во спортот, а до лани само седум спортисти биле на врвот, од 1990 година (голферот Тајгер Вудс го држи рекордот – 12 пати на првото место). Глобалната фудбалска икона, Аргентинецот Лионел Меси (Барселона) годинава е осмото име на првото место на листата и, по долгогодишниот ривал, Португалецот Кристијано Роналдо (Јувентус), е само втор фудбалер на врвот на рангирањето.

Првите 100 опфаќаат 10 спорта и вклучуваат спортисти од 25 земји. Нивните четири милијарди долари вкупна заработувачка од награди, плати и други договори од јуни 2018 до јуни 2019 година се зголемени за пет отсто од минатата година, кога боксерот Флојд Мејведер беше прв со 285 милиони долари.

Меси сега е прв со 12-месечна заработка од 127 милиони долари, пред Роналдо со 109 и Бразилецот Нејмар со 105 милиони долари.