Најмногу минути младите добиваат во Франција

73

Фудбалерите до 21 година играле 15,4 отсто од вкупното време на мечевите сезонава во Франција, во Германија 14,7 отсто, во Италија 9,8, во Шпанија 6,1 во Англија 5,3, а во Португалија пет проценти

Истакнатата фудбалска истражувачка групација (ЦИЕС), со седиште во Нојшател, Швајцарија, состави листа со „проценети трансферни вредности“ на најдобрите фудбалери во Европа. Португалецот Кристијано Роналдо, напаѓач на Јувентус, еден од најдобрите на светот, е при дното на листата од 21 фудбалер, дури на 18-то место. Неговиот колега од Барселона, Аргентинецот Лионел Меси, исто така, го нема меѓу првите пет (шести е), што е потврда дека помладите играчи продолжуваат да ги истиснуваат моментално најистакнатите фудбалски ѕвезди.

Фудбалската опсерваторија на ЦИЕС ваквото рангирање го темели на својата методологија, имајќи предвид шест фактори при одредувањето на вредноста на најдобрите европски играчи: перформансите на фудбалерот (квалитетот и конзистентноста на формата), перформансите на фудбалерот во неговиот клуб (дали е ѕвезда), меѓународниот статус (колку е вреден за неговата земја), договорот (играчите со подолги договори се поскапи), возраста (помладите играчи добиваат повносни договори) и позицијата (напаѓачите се поскапи од голманите).

На првата позиција на листата од 21 највреден фудбалер во Англија, Шпанија, Германија, Италија и во Франција е младиот француски интернационалец Килијан Мбапе (19), напаѓач на ПСЖ, чија вредност, според ЦИЕС, на фудбалскиот пазар изнесува 216,5 милиони евра. Зад него, на втората позиција, е Англичанецот Хари Кејн, напаѓач на Тотенхем, со 197,3 милиони евра, трет е Бразилецот Нејмар со 197 милиони евра, четврти е Египќанецот Мохамед Салах од Ливерпул со 173, петти е Бразилецот Фелипе Кутињо од Барселона со 171,3, Лионел Меси е шести, со 170,6 милиони евра итн.

ЦИЕС направи и анализа во која од најсилните пет лиги во Европа, плус Португалија, најмногу шанси добиваат младите фудбалери, до 21 година. Така, единаесетмина ги одиграле сите минути сезонава, а меѓу нив шест се голмани, и тоа Емил Аудеро (Сампдорија), Џанлуиџи Донарума (Милан), Пол Бернардони (Ним), Флоријан Милер (Мајнц), Албан Лафонт (Фиорентина) и Унаи Симон (Атлетик Билбао).
Со четворица претставници, германски Мајнц е клуб со најмногу играчи на оваа листа (Арон Мартин, Жан-Филип Матета, Флориан Милер и Ридле Баку). Вкупно, фудбалерите родени на или по 1 јануари 1997 година играле 15,4 отсто од вкупното време на мечевите сезонава во Франција, во Германија 14,7 отсто, во Италија 9,8, во Шпанија 6,1 во Англија 5,3, а во Португалија пет проценти. 


ЦИЕС: За 10 години има драстични промени во фудбалот

Намален е бројот на фудбалери во првите тимови што се израснати во младинските школи на тие клубови, а има и поголема мобилност на фудбалерите во Европа, покажа анализата на Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС). Вакви анализи ЦИЕС прави повеќе од 10 години.
Процентот на фудбалери од школите во 31 лига во Европа достигна ново најниско ниво, забележано заклучно со 1 октомври, од 16,9 проценти, што е намалување за 6,3 насто за 10 години. Намалувањето за една година е најголемо во десетгодишниот период на мерење – 1,6 отсто.
Истовремено, бројот на странски фудбалери пораснал на рекордно ниво од 41,5 отсто (плус 6,8 за 10 години). Забрзан е процесот на интернационализација на составите, со годишен пораст од 0,55 отсто во четиригодишниот период од пред 10 години на просечен пораст од 1,17 отсто од 2014 до 2018 година, велат од ЦИЕС.