Наука за изведување аут!

111

Улогата на аутите е потценета, за разлика од другите прекини на игра. Ако очекувате врвните професионални фудбалери да бидат изведувачи на аут од светска класа, тогаш во голема мера сте оптимисти. Изведувањето аут е вештина што кога ќе се усоврши може да донесе голови, па дури и да спаси сезона на еден тим, вели Томас Гронемарк, тренерот на Ливерпул за изведување аути

Пристигнувањето на Томас Гронемарк можеби беше најголемото изненадување во англискиот премиерлигаш Ливерпул летово, по потпишувањето со фудбалерите Алисон, Фабињо и Наби Кеита. Дури и менаџерот Јирген Клоп потврди дека немал слушнато за тренер за изведување аути, до ангажманот на Данецот, објави Би-би-си.

Именувањето на 42-годишниот Гронемарк, кој го држи и светскиот рекорд во најдалеку изведен аут од 51,33 метар, предизвика изненадување и во медиумите во Англија.
– Знам дека ова дефинитивно е најчудното работно место во светот – изјави Гронемарк за Би-би-си.

Некогашниот плејмејкер на Стоук, Рори Делап, можеби е најпознатиот експонент на далечинско изведување аут во ерата на Премиер-лигата, но Гронемарк вели дека неговата задача не е „Ливерпул да го претвори во уште еден Стоук“.
Како што објаснува, изведувањето аут е вештина што кога ќе се усоврши може да донесе голови, па дури и да спаси сезона на еден тим.

– Да бидам искрен никогаш немав слушнато за тренер за изведување аут. Кога слушнав за Томас јасно ми беше дека сакам да го сретнам, а кога се сретнавме бев 100 отсто убеден дека сакам да работи во мојот тим – изјави Клоп.

Гронемарк работи со тимови од 2004 година.

– Генерално, на меч против Ливерпул не би сакал да ја исфрлам топката во аут. Не велам дека Ливерпул ќе има многу долги аути, но никогаш не знаете кога можат да ви послужат добро – вели Гронемарк.

Гронемарк е некогашен спринтер и член на данскиот тим во боб. Тој проценува дека има 40-50 аути во еден меч, а во натпреварот со Лестер Ливерпул имал 54.

– Улогата на аутите е потценета, за разлика од другите прекини на игра. Ако очекувате врвните професионални фудбалери да бидат изведувачи на аут од светска класа, тогаш сте прилично оптимисти. Генерално стандардот на изведување аути е доста низок. Со фокусирање на аутите може да се спаси сезоната на еден помал клуб. Но, во врвна лига тој може да помогне во многу потечен стил на игра. Без разлика на местото на табелата, аутите се предност – вели тој.

Гронемарк во минатото бил тренер во данските Митјиланд и Хорсенс, како и во германската Бундес-лига. Митјиланд, кој беше првак лани во Данска, и Хорсенс, во минатата сезона постигнаа по 10 гола по долго изведени аути. Данскиот бек Андреас Поулсен, кој замина во Борусија Менхенгладбах од Митјиланд, го поправи својот долг аут од 25 на 37,9 метри, по работата со Гронемарк.

Данскиот тренер вели дека има 25-30 технички аспекти за долгиот аут. Флексибилните, а не силните фудбалери, се подобри изведувачи на аут, а умешноста е есенцијална за бековите.

– Ако Ливерпул на овој начин постигне еден-два гола тоа за мене ќе биде перфектно, но уште повеќе ако дојде како резултат на брз или паметен аут – вели Гронемарк.
Според статистиката на „Опта“, во минатата сезона во Англија биле постигнати 20 гола по изведен долг аут, а сезонава еден, по четири кола. Во минатата сезона Ливерпул упатил три шута во гол по таков аут, а водечки тим бил Лестер со 14.


Три типа изведување аути

Томас Гронемарк фудбалерите ги учи на три типа изведување аути – долго, потоа брзо, кое може да донесе контранапад и умно изведување аут, за притисок врз поседот на топка.
– Се фокусирам на сѐ што можете да замислите. Тоа не е само техниката на уфрлање на топката, туку и како да примите аут, како да изведете вистински движења, позиционирање, креирање простор – рече Гронемарк.