Наполи и Елмас ја пречекуваат Барса предводена од Меси

130

Не треба да се плашиме, треба да ги почитуваме, да ја играме нашата игра, вели Џенаро Гатузо, тренерот на Наполи

На стадионот „Сао Паоло“, Наполи, во чии редови е македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, ја пречекува Барселона, предводена од најдобриот светски фудбалер, Лионел Меси. За Наполи ова е шеста кампања во Лигата на шампионите (ЛШ), сите во минатите девет сезони, трета во нокаут-фазата, по 2011/2012 и 2016/2017-та, кога беа елиминирани од подоцнежните шампиони, Челси, односно Реал. Наполи го освои второто место во групата Е, зад Ливерпул со ефект од три победи и три ремија, но, ова не беше (е) лесна сезона за нив. Лошите резултати во Серија А и лошата клима во и околу клубот кулминираа со отказ за тренерот Карло Анчелоти. На негово место дојде Џeнаро Гатузо, кој ги стабилизира работите за што сведочат шесте победи на последните седум натпревари, последната на гости против Бреша (2-1). Македонскиот интернационалец Елиф Елмас ги одигра сите 90 минути на тој меч (настапи на 15 првенствени дуели сезонава и даде еден гол) и има големи шанси да биде во стартните 11 на вечерашниот меч.

– Играме против квалитетен тим составен од одлични играчи. Знаеме дека ќе биде тешко, но за мене и за мојата екипа е чест да се соочиме со тим, кој во минатите 10, 15 години, е еден од најдобрите во светот. Не треба да се плашиме, треба да ги почитуваме, да ја играме нашата игра со голема самоувереност и достоинство – вели Џенаро Гатузо, тренерот на Наполи.
Барселона полека влегува во форма, во саботата го демолираше Еибар со 5-0 (Меси даде четири гола), нивна седма победа на последните девет средби. Проблем за Барселона може да претставуваат повредите на неколку стандардни играчи, како Серхи Роберто, Жорди Алба, Осман Дембеле и Луис Суарез, поради што тренерот Кике Сетиен на првиот состав му приклучи шестмина играчи од Б-тимот.
Поврзувачка алка меѓу двата клуба е Диего Марадона. Тој играше за двата клуба, за Барселона од 1982 година, освојувајќи го шпанскиот Суперкуп и „кралскиот“ куп во првата сезона. Во 1984 година, по 38 гола на 58 средби за шпанскиот клуб, тој мина во Наполи, освојувајќи го Купот на УЕФА во 1989 година, две титули во Серија А, Купот и Суперкупот на Италија.

Во реприза на финалето во ЛШ од 2012 година Челси, предводен од Франк Лампард, сега во улога на менаџер, се среќава со Баерн. Во тоа финале Челси славеше на пенали (Лампард до даде третиот пенал), но Баерн се реваншира во Суперкупот во Прага следната 2013 година, повторно по изведувањето пенали.

Баерн, кој во последните 12 сезони секогаш ја минуваше групната фаза, има импозантни постигнувања во осминафинална рунда, 11 победи и четири елиминации. По седумте триумфи во низа, лани беа елиминирани од Ливерпул (0-0 и 1-3), што е најрано испаѓање за Баварците по 2010/2011 (тогаш од Интер).
Најефикасен во Баерн и во групната фаза со 10 гола е Роберт Левандовски, кој на Црвена звезда во Белград (6-0) во 5-то коло и даде четири гола за само 16 минути, што е рекорд во ЛШ.