Надежите на Холандија по четврти пат прваци на Европа

25

Младата фудбалска репрезентација на Холандија (до 17 години) ја одбрани титулата првак на Европа, победувајќи ја Италија во финалето во Даблин (Ирска), со 4-2. Овие две селекции играа и во ланското финале, во кое Холандија победи на пенали, 4-1, откако натпреварот заврши без победник, 2-2.

За Холандија ова е четврта европска титула во оваа старосна категорија (во 2011, 2012, 2018, 2019), една повеќе од Шпанија. Италија го загуби и третото финале, лани и годинава од Холандија, и во 2013-та, од Русија (на пенали).

Брајан Броби е третиот холандски фудбалер со две шампионски титули, по Натан Аке и Тони Вилена (во 2011 и 2012-та). Стрелецот на четвртиот гол за Холандија, Начи Инивар, е првиот 15-годишник што постигнал гол во финале на ЕП (до 17 години).
Холандија, Италија, Шпанија и Унгарија се квалификуваа за завршниот турнир на Светското првенство (СП) до 17 години што годинава ќе се одржи во Бразил, од 17 септември до 8 октомври.