Нагелсман, малиот Мурињо, цврсто гази по својот тренерски пат

88
Јулијан Нагелсман

Лајпциг славеше на гости со 1-0 кај европскиот вицешампион, а Нагелсман стана најмладиот предводник на еден тим во нокаут-фазата во ЛШ. Лајпциг беше подобар во дуелот со Тотенхем, за што сведочи и тоа дека голманот на домашните, Уго Лорис, го доби признанието за играч на мечот

Лајпциг забележа победа на гости над европскиот фудбалски вицешампион Тотенхем (1-0) во Лондон, во првиот осминафинален меч во Лигата на шампионите (ЛШ), што е своевидно изненадување со оглед на искуството и рејтингот на двата тима, како и на двата тренера, Жозе Мурињо, односно Јулијан Нагелсман кого во раната фаза од кариерата го нарекуваа мал Мурињо.

Нагелсман на возраст од 32 години и 211 дена, стана најмладиот предводник на еден тим во нокаут-фазата во ЛШ. Со тоа тој го надмина Доменико Тедеско, кој лани на клупата на Шалке во осминафиналето против Манчестер сити имаше 33 години и 161 ден. Мурињо, пак, стана четвртиот тренер што по 150-ти пат водел тим во ЛШ, по Алекс Фергусон, Арсен Венгер и Карло Анчелоти. Лајпциг беше подобар во дуелот со Тотенхем, за што сведочи и тоа дека голманот на домашниот тим, Уго Лорис, го доби признанието за играч на натпреварот.

– Како да тргнавме во битка со пиштол без куршуми. Навистина сме во неволја. Да беше само овој меч, би рекол нема проблем, но следуваат натпревари во ФА-купот, во Премиер-лигата. Не сум премногу загрижен поради поразот, бидејќи можеме да одиме натаму. Она што ме загрижува е тоа што ова се сите наши играчи за следните натпревари во сите конкуренции – рече по мечот Мурињо во чиј состав недостигаа најдобрите напаѓачи, повредените Хари Кејн и Сон Хјунг-мин.

Нагелсман, пак, покажа дека одамна е излезен од сенката на Мурињо и оти цврсто гази по својот тренерски пат. Во февруари 2016-та, на само 28 години, тој беше назначен за тренер на Хофенхајм, кој во тоа време беше на 17-то место, пред испаѓање, но остана во лигата, а тој беше прогласен за тренер на годината. По прерано завршената фудбалска кариера во Аугсбург, на само 20 години, поради повредата на коленото, Нагелсман му се посветува на тренерскиот занает. Како тренери што имале најголемо влијание врз него тој ги посочува Пеп Гвардиола и Томас Тухел, кој прв го ангажирал да ги скаутира ривалите на Аугсбург. Од таа соработка, веројатно, се и сличностите во фудбалската филозофија на Нагелсман со онаа на Тухел.

– Сакам да ги нападнам противничките играчи блиску до нивниот гол затоа што потоа патот до целта не е толку долг. Ми се допаѓаше играта на Вилјареал и начинот како тренираат млади играчи. Исто така, ги сакам Барселона и Арсенал, како и начинот на работа на Арсен Венгер – вели Нагелсман. 


Бергамо се пресели на „Сан Сиро“

Победата на Аталанта над Валенсија, со 4-1 во првиот меч од осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) на стадионот „Сан Сиро“ во Милано, ја поздравија 40.000 навивачи од градот и од околината на Бергамо, кој има 122.000 жители и кој е оддалечен само 55 км. Стадионот на Аталанта, кој е со капацитет од 21.000 места, е во фаза на реконструкција и не ги задоволува пропишаните критериуми на УЕФА. Аталанта, која е дебитант во ЛШ и која едвај ја помина групната фаза, досега постигна 12 гола, кои ги постигнаа 10 играчи, најмногу од сите тимови сезонава, што е показател за разновидноста во нивната игра. Претседателот на Аталанта, Антонио Перкаси, призна дека често се буди и се прашува дали сево ова е само убав сон. „Не изгледа реално“, вели тој. Тоа е клуб со играчи што имаат осма најмала плата во Серија А, но, сепак, лани го освоија третото место и првпат во клупската историја се квалификуваа за ЛШ. Единствениот трофеј што го има Аталанта е Купот на Италија во 1963 година. Аталанта и Лајпциг се единствените осминафиналисти, надвор од 30-те клуба на финансиската фудбалска лига на „Делојт“. Аталанта постигна 63 гола на 24 натпревари сезонава, повеќе во оваа фаза во Серија А од која било друга екипа, од 1959 година наваму.


Важноста на првите пет и следните 10 секунди

Меѓу главните работи во играта што се форсира во Лајпциг, па и во другите германски фудбалски тимови, се директната, вертикална игра во правец на противничкиот гол и брзата транзиција. Целта е и загубената топка да се освои во рок од пет секунди со агресивен пресинг, да се изненади дезориентираната одбрана и по влегувањето во противничкиот казнен простор да се бие на голот во рок од 10 секунди.