Навивачите го бркаа, а сега жалат што Венгер заминува од Арсенал

1147

Менаџерот Арсен Венгер ќе го напушти англискиот фудбалски клуб Арсенал на крајот од сезонава, со што ќе стави крај на 22-годишното извршување на функцијата, кое во последните неколку години беше проследено со негодување на навивачите поради отсуството на трофеи, пренесува „Гардијан“.

Лондонскиот клуб изненадувачки ја соопшти оваа информација денеска. Францускиот стратег потпиша двегодишен договор со „топчиите“ минатото лето, па малкумина можеа да замислат дека тој ќе замине, и покрај бројните шпекулации, особено не пред завршувањето на сезонава, во која Арсенал го очекува полуфиналето од Лига Европа против Атлетико Мадрид.

– Го водев клубот со целосна посветеност. Сакам да им се заблагодарам на стручниот штаб, играчите, директорите и на навивачите, кои го прават овој клуб посебен. Ги повикувам навивачите да го поддржат тимот за да ја завршиме позитивно сезонава. На сите љубители на Арсенал им порачувам да ги чуваат клупските вредности. Ја имате мојата љубов и поддршка засекогаш – истакна Венгер.

Тој дојде во Арсенал во 1996 година, по што набргу се прослави со атрактивниот стил на игра, како и со способноста селектирање на талентирани млади фудбалери. Арсенал под водство на Французинот освои три шампионски титули во Премиер-лигата, како и седум ФА-купа. Венгер ќе остане запаметен и по подвигот со „непобедливиот“ тим на Арсенал, кој стана шампион во 2004 година без загубен првенствен натпревар во текот на целата сезона. Но, трофејниот стратег не успеа да ја освои Лигата на шампионите со Арсенал, во која играше во финалето во 2006 година, а го загуби и финалето во Купот на УЕФА во 2000 година.

Лондончани успеваа да го освојат единствено ФА-купот (од позначајните трофеи) во последните 12 години, во кои Венгер работеше под извесни финансиски рестрикции поради изградбата на стадионот „Емирејтс“ (голем број ѕвезди го напуштија клубот во тој период). Французинот ја загуби поддршката на навивачите во последните неколку години, што беше видливо според нивните организирани протести и недоаѓањето на мечевите на Арсенал сезонава.

На социјалните мрежи, каде што симпатизерите на Арсенал, јавно изразуваа незадоволст против Венгер, сепак, се забележуваат поделени мислења откако тој објави дека го напушта клубот. А многумина од навивачите се каат за промената.

„Навивачите на Арсенал сега му се заблагодаруваат на менаџерот на социјалните мрежи. Истите нелојални навивачи, кои веќе неколку години го третираа лошо нивниот најуспешен менаџер“, „сите што бараа да замине сега се носталгични и жалат по него“, „ја дочекав информацијата со измешани емоции“, „го мразев, а сега жалам што заминува“, „Венгер остави значително наследство и тешко дека ќе видиме друг менаџер што ќе помине повеќе од две децении во клубот“, „Благодарам за спомените, ти си господин и легенда на Арсенал“ „Срцето ми е скршено, но време беше да замине“, гласат дел од коментарите на Твитер.