Му паѓа цената на поседот?

213

На СП 2018 во Русија три репрезентации што имаа посед на топката над 65 проценти, Шпанија (74,7), Германија (72) и Аргентина (66), рано беа елиминирани (групна фаза и осминафинале)

Фудбалската репрезентација на Шпанија (не)очекувано прерано го заврши настапот на Светското првенство (СП) во Русија. Во осминафиналето таа беше елиминирана од домаќинот Русија, на пенали. По сѐ, играта на Шпанија, базирана на голем процент на посед на топката, која ѕвездените мигови ги имаше при освојувањето на двете титули првак на Европа (2008-та и 2012-та) и една титула светски првак (2010-та), како да ги нема повеќе таа моќ и енергија. Британски медиуми анализираат дека на ова СП се покажа дека високиот процент на посед на топката нема големо влијание, како на некои од минатите натпреварувања.

Ваквиот стил на игра со поголемо време во посед на топката беше т.н. тотален фудбал од 70-тите години на минатиот век. А, во поновата историја на овој начин на игра сѐ почна со Барселона, со стилот со име тики-така, кој го промовира тренерот Пеп Гвардиола и со кој Шпанците потоа доминираа. Една година откако Барселона освои три трофеја (Лигата на шампионите, првенството и кралскиот куп), Шпанија беше најдобра на СП 2010 во Јужна Африка, со игра базирана речиси на целосна контрола на топката. Основната идеја беше „ако ја имате топката кај себе, противникот не може да ви постигне гол“. И тоа функционираше.
Барса и репрезентацијата на Шпанија, во која повеќето беа играчи токму од Барселона, беа двата најдобри и најуспешни тима во поновата фудбалска историја. Затоа тие, Гвардиола особено, ги инспирираа другите да го следат нивниот пример. Една година откако Пеп замина во Баерн и ја освои титулата во Бундес-лигата, загубувајќи само два натпревара, Германија стана светски првак во 2014 година, со сличен начин на игра.

Но на СП во Русија приказната е поинаква, поседот на топката не е пресуден. Три репрезентации што имаа посед на топката над 65 проценти, Шпанија (74,7), Германија (72) и Аргентина (66), веќе се елиминирани.
Шпанија на мечот против Русија (1-1) во осминафиналето имаше 79 отсто посед на топката, но не успеа да го скрши отпорот на Русите по 120 минути игра.
Во нокаут-рундата, Португалија загуби од Уругвај (1-2) иако топката ја имаше 67 отсто од времето. Селекторот на Уругвајците, Оскар Табарез, по мечот појасни дека неговиот план за игра бил на противникот да му дозволи да ја има топката повеќе кај себе.
– Мислам дека постои погрешна претпоставка дека поголемиот посед на топката води кон создавање повеќе шанси и постигнување голови. Работев во Италија и таму тоа не беше многу ценето. Дури и ако ја немате многу топката, можете да го победите противникот на различни начини – вели Табарез.

Во случаите со Шпанија, Германија и со Аргентина на СП 2018, големиот посед на топката, преку што требаше да се „растурат“ ривалите, стана пасивно бесцелно додавање. Но тука пофалби заслужуваат и нивните противници, како Мароко, Русија, Исланд и Јужна Кореја.
На првите 52 натпревари на СП имало 16 случаи едната селекција да има посед на топката над 65 проценти. Од тие 16, само пет репрезентации го добиле натпреварот. Од тие пет, Германија против Шведска, Бразил против Костарика и Аргентина против Нигерија до триумфот стигнале по 85-та минута. Две победиле во судиското продолжение, Шпанија со Иран и Тунис со Панама.
Згуснатите одбранбени формации што се дисциплинирани сите 90 минути резултираат со забавена игра на противниците, кои бараат начин да го пробијат бедемот, и често не успеваат. Како што поминува времето, трпението го снемува, сѐ повеќе фудбалери одат во напад, што, од друга страна, остава простор за контранапади на ривалите.
Вистината е дека на СП во Русија нема супериорна репрезентација како на минатите два мундијала. Играта со голем посед на топката не е веќе ефективна, што значи дека до крајот на СП може да се случи играта во одбраната да добие уште поголема важност.


Офанзивната игра доминираше во четврт-финалето

За тоа дека напаѓачката фудбалска игра со посед на топка и слично, сепак, има иднина и оти е поефективно да се оди во напад со намера да се постигне гол повеќе од противникот, потврдија четирите четвртфинални натпревари на СП 2018. На два од четирите меча победници беа селекциите што имаа повеќе напаѓачки амбиции, повеќе напаѓаа и ја имаа топката повеќе во своите нозе. На третиот меч што беше решен на пенали (Русија – Хрватска 3-4, 2-2), победничкиот тим во 120-те минути имаше посед на топката од 65 отсто.
Англичаните ја совладаа Шведска (2-0) имајќи ја топката повеќе кај себе (58-42 насто). Французите, исто така, беа поофанзивно настроени во мечот против дефанзивно-конзервативните Уругвајци, кој го добија со 2-0 (61-39 отсто). Киксираа само Бразилците, кои го загубија мечот со Белгија (1-2), имајќи 58-отстотен посед на топката. Во нивниот случај причина за поразот се многуте пропуштени шанси, одличните одбрани на противничкиот голман (Тибо Куртоа) и казната во вид на примен гол, вториот, по класичната контра (Кевин де Брујне).


Михаилов: Цврстата одбрана и брзата трансформација стануваат клучни

Сведоци сме дека фудбалската игра на ова СП доживува трансформација. Стилот на игра сѐ повеќе се карактеризира и се базира на индивидуалниот потег со кој се решава победникот и на тимската одбрана. Тики-така, односно системот на игра со висок процент на посед на топката, полека ги губи својот шарм и значење, што се виде кај селекциите што го негуваат, како Шпанија и Германија, кои предвреме го напуштија Мундијалот. Сѐ повеќе репрезентации, условно кажано послабите, се определуваат за дефанзивна тактика. Потоа се обидуваат преку брза трансформација, со што е можно помалку допири на топката да одат во напад и во завршницата да стигнат со четири-пет играчи. Профилот на фудбалери е таков за во втората зона на креација да се направи вишок и во третата зона да се оди на брза реализација, со чести пробиви по страничните позиции, во игра еден на еден. Многу поквалитетни репрезентации, кои важеа за фаворити на овој шампионат, не успеаја да се пласираат понатаму. Германија уште во групната фаза, Шпанија, Аргентина, Португалија во вториот круг, а Русија и Шведска имаа, пред сѐ, добра одбранбена формација, оставајќи го противникот да има поголем посед на топка, преку контри ги користеа грешките и ги казнуваа своите противници – вели Горазд Михаилов, фудбалски тренер. 


Шпанскиот концепт ќе се модифицира?

Дилемата пред која е исправена Шпанија е дали треба да се менуваат целиот концепт и стил на игра, со многу додавања и висок процент на посед на топката, или да се модификуваат. Чави и Андрес Иниеста, кои беа персонификација на играта со име тики-така, се пензионираа, но Шпанија уште има играчи за таков стил игра, но преку таа игра треба да се создаваат шанси што ќе се претвораат во голови. Под водство на сменетиот селектор Хулен Лопотеги, Шпанците беа во серија од 20 натпревари без пораз, па, оттаму, нема потреба од некои драстични промени во стилот на игра. Познавачите сметаат дека се потребни само некои тактички измени и иновации во концептот за тој повторно да профункционира. На СП 2010 Шпанија постигна малку голови, само осум (по четири во групната и во нокаут-фазата), но прими само два, што ја покажува важноста на квалитетната одбрана. Во Русија на четири натпревари Шпанците примија шест гола.