Може ли Атлетико да го запре Баерн?

83

Бранителот на титулата Баерн, кој има 15 победи во низа во ЛШ, му гостува на Атлетико, кој сезонава во Ла лига на девет меча прими само два гола

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

За најдобрите европски фудбалери нема одмор. Вечерва се играат мечевите од петтото коло во групите А, Б, Ц и Д во Лигата на шампионите (ЛШ), по кои ќе биде познато кои екипи од тие групи ќе им се придружат на Баерн, Манчестер сити, Севилја, Челси, Барселона и на Јувентус, кои по четвртото коло обезбедија пласман во осминафиналето.
Постојат разни комбинаторики за тоа што сѐ им е потребно на одредени тимови за пласман, како во ова, така и во последното коло во групната фаза сезонава. Бранителот на титулата Баерн веќе ја заврши работата, забележа четири победи на исто толку натпревари во групата А, со што ја продолжи фантастичната серија од 15 победи едноподруго во ЛШ. Баерн му гостува на Атлетико и сигурно ќе стори сѐ да остане непоразен, или да победи, но за Атлетико триумфот во овој меч е императив, бидејќи реми или пораз ќе значат чекор назад и можна елиминација од ЛШ, прва во последните осум години. Двата тима се во добра форма, Баерн е лидер во Бундес-лигата со 22 бода по девет кола (гол-разлика 31-13), а Атлетико е второпласиран на табелата во Ла лига со 23 бода од девет меча на кои прими само два гола и постигна 19.

Реал Мадрид лошо ја почна европската сезона во групата Б, со порази од Шахтар дома (1-2) и реми на гости кај Борусија во Менхенгладбах (2-2). Потоа со двете победи над Интер, „кралевите“ фатија приклучок. Евентуален пораз на Реал, односно победа на Шахтар, како и реми или победа на Интер на гости со Борусија ќе значи дека последното коло ќе го даде одговорот на прашањето кои два тима од оваа група ќе се пласираат меѓу 16-те најдобри.
Ливерпул имаше максимален ефект по трите кола и се чинеше дека сѐ е решено за пласманот во осминафиналето. Но потоа дојде поразот дома од Аталанта (0-2), што создава притисок пред вечерашниот меч со Ајакс од кој на „црвените“ им е потребен барем еден бод за пласман понатаму. Но и Ајакс има свои сметки и не е без шанси ако се има на ум фактот дека Ливерпул има многу проблеми со повредите на неколку клучни играчи.


КОЈ МОЖЕ ВЕЧЕРВА ПО 5. КОЛО ДА СЕ ПЛАСИРА ПОНАТАМУ

Група А: Атлетико (ако го победи Баерн, а Локомотив не го победи Салцбург)
Група Б: Борусија М. (ако го победи Интер или со реми, но Шахтар да не го победи Реал), Реал Мадрид (ако го победи Шахтар)
Група Ц: Порто (ако не загуби од Манчестер сити или ако Олимпијакос не го победи Марсеј)
Група Д: Ливерпул (ако не загуби од Ајакс)

Извор: УЕФА