Модриќ, Дешам и Далиќ добија најмногу гласови

100

Во мини-анкетата учествуваа осуммина македонски фудбалски тренери и новинари, гласови за фудбалер на годината добија Модриќ, Роналдо, Мбапе и Азар, а кај тренерите Дешам и Далиќ

МИНИ-АНКЕТА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“

Очекуваните и од многумина најавувани десетмина се кандидати за најдобар фудбалер на годината во изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Светската куќа на фудбалот го објави списокот со кандидатите за наградата „Најдобар“ за 2018 година. При гласањето ќе се зема предвид нивниот настап од 3 јули 2017 до 15 јули 2018 година, објави ФИФА.

Кандидати за фудбалер на годината се Кристијано Роналдо (игра за репрезентацијата на Португалија, а во периодот за кој се гласа беше член на Реал Мадрид), Кевин де Брујне (Белгија/Манчестер сити), Антоан Гризман (Франција/Атлетико Мадрид), Еден Азар (Белгија/Челси), Хари Кејн (Англија/Тотенхем), Килијан Мбапе (Франција/ПСЖ), Лионел Меси (Аргентина/Барселона), Лука Модриќ (Хрватска/Реал Мадрид), Мохамед Салах (Египет/Ливерпул) и Рафаел Варан (Франција/Реал Мадрид).

Во категоријата најдобар тренер на машка екипа кандидати се Масимилијано Алегри (од Италија, тренер на Јувентус), Станислав Черчесов (Русија/репрезентација на Русија), Златко Далиќ (Хрватска/репрезентација на Хрватска), Дидие Дешам (Франција/репрезентација на Франција), Пеп Гвардиола (Шпанија/Манчестер сити), Јирген Клоп (Германија/Ливерпул), Роберто Мартинез (Шпанија/репрезентација на Белгија), Диего Симеоне (Аргентина/Атлетико Мадрид), Герет Саутгејт (Англија/репрезентација на Англија), Ернесто Валверде (Шпанија/Барселона), Зинедин Зидан (Франција/Реал Мадрид).

„Нова Македонија“ направи мини-анкета со неколку македонски фудбалски тренери и новинари. Така, Саша Ќириќ гласаше за Роналдо и за Далиќ, Горазд Михаилов за Модриќ и за Дешам, Кочо Димитровски за Мбапе (за категоријата тренер Димитровски има дилема), Горан Станковски за Модриќ и за Дешам, Зоран Стратев за Модриќ и за Дешам, а од новинарите Зоран Михајлов за Модриќ и за Далиќ, Златко Калински за Модриќ и за Далиќ, а Миодраг Мицковиќ за Азар и за Дешам.

Во изборот на ФИФА ќе гласаат капитените и селекторите на сите репрезентации од светот, потоа по еден претставник од медиумите од земјите-членки на ФИФА, како и фудбалските вљубеници што ќе можат да гласаат пријавувајќи се на интернет-страницата на ФИФА (гласањето трае до 10 август). Секој од нив влијае со по 25 отсто во вкупното гласање. Листата со 10 кандидати ја состави комисија на ФИФА, во која се Сами ал Џабер, Емануел Амунике, Фабио Капело, Дидие Дрогба, Кака, Франк Лампард, Лотар Матеус, Алесандро Неста, Карлос Алберто Переира, Роналдо, Енди Роксбро и Винтон Руфер. Л.Д.: Г.М.