Мнозинството анкетирани се за почесто играње светски првенства

48

Во анкетата на ФИФА учествувале 23.000 луѓе во 23 земји од шесте конфедерации, 55 отсто од нив се за СП на секоја година, на две или на три години. Од ФИФА додаваат дека е во тек проширена анкета, во која учествуваат 100.000 луѓе во повеќе од 100 земји

Мнозинството фудбалски навивачи се за почесто одржување на светските првенства (СП) наместо како сега, секои четири години, се вели во истражувањето нарачано од Светската фудбалска федерација (ФИФА). Одржување на завршниот турнир секои две години е дел од плановите на ФИФА за промени во фудбалскиот календар.
Во анкетата на ФИФА учествувале 23.000 луѓе во 23 земји од шесте конфедерации. Од нив, 15.000 испитаници „биле идентификувани дека покажуваат интересирање за фудбал и за СП“. Анкетата покажала дека 55 отсто се за почесто играње светски првенства, и тоа секоја година, на две или на три години. Од трите опции, завршен турнир на две години бил најпопуларниот (30 отсто). Поединечно, најпопуларниот одговор кај сите возрасни групи било задржување на ситуацијата статус кво и одржување на настанот секои четири години (45 ситуацијата).
– Врз основа на првичните резултати, може да се извлечат следниве заклучоци: мнозинството би сакале да гледаат почести светски првенства за мажи, од ова мнозинство, претпочитаната фреквенција е двегодишна, постојат значителни разлики помеѓу таканаречените традиционални пазари и фудбалските пазари во развој и помладите генерации во сите региони се поотворени и заинтересирани за промени отколку постарите генерации – пишува ФИФА на својата интернет-страница.
Од ФИФА додаваат дека е во тек проширена анкета, во која учествуваат 100.000 луѓе во повеќе од 100 земји.

ФИФА почна студија за оправданост за одржување СП секои две години, за мажи и за жени. Консултативниот процес го води поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер, кој е шеф за глобален развој на фудбалот при ФИФА. Тој верува дека тековниот четиригодишен циклус е застарен и оти светски првенства на две години со пократки квалификации ќе го намали бројот на натпревари што треба да ги играат фудбалерите. Тој, исто така, смета дека тоа ќе им понуди подобри можности на играчите од помалите нации и ќе генерира повеќе приходи што потоа би се инвестирале глобално во играта.
УЕФА и јужноамериканската конфедерација (КОНМЕБОЛ) ја отфрлија идејата, Светскиот синдикат на играчи (ФИФПРО) изрази загриженост за преоптовареноста на играчите и предупреди дека предлозите ќе немаат легитимитет без поддршка од нивните членови…
Светските првенства за мажи се одржуваат секои четири години, од првиот турнир во Уругвај во 1930 година, освен во 1942 и во 1946 година, поради Втората светска војна. СП за фудбалерки, исто така, се одржува секои четири години, од 1991 година.