Младиот Леон од Охрид во Германија е голема фудбалска надеж

306

Леон Лекоски од Охрид има само 11 години, а веќе е еден од најталентираните фудбалери во покраината Северна Рајна Вестфалија, Германија. Тој минатата година беше прогласен за најдобар млад фудбалер, а оваа година е прв голгетер. На 15 натпревари постигнал 17 гола, неговиот клуб „1.ФСВ КЕЛН 99“, е избран за тим на годината.

Развојот на Леон, како фудбалер го следат тројца тренери, меѓу кои главен е поранешниот репрезентативец на Уганда, Ј. Доминик.

Младиот фудбалер со вонсериски талент игра на позиција центарфор, за него веќе се заинтересирани и клубови за повозрасни фудбалери. Тренира во центарот за таленти на познатиот фудбалски клуб и некогаш успешен бундеслигаш Келн.

Леон секое слободно време го користи за посета на неговиот омилен Охрид. Тој ужива во играта со неговите другари на стадионот „Билјанини извори“ .

-Го обожувам Охрид и секое лето доаѓам овде кај дедо ми Тоде. Го сакам езерото, посебно нуркањето, во што ми помагаат од клубот за подводни активности „Амфора“. Сакам да сум добар фудбалер, а мои идоли се Меси и Подолски. Од македонските фудбалери го сакам Горан Пандев. За неколку години се надевам дека ќе заиграм за некој од поголемите фудбалски клубови во Германија, но знам дека е многу рано да размислувам за репрезентативните дресови на Германија или Македонија – вели Леон.

Неговиот татко Оливер будно го следи развојот на Леон.

-Ме радува што фудбалските стручњаци во Германија Леон го сметаат за несекојдневен, вонсериски фудбаски талент. Затоа со него тренерите грижливо работат, но и јас настојувам правилно да се развива како спортист и човек. Училиштето му е исто така многу важно и своите обврски, иако е само единаесетгодишник, ги сфаќа сериозно. Како татко се гордеам со него и посакувам да ги оствари своите фудбалски сништа. Но, се во свое време – истакнува Оливер Лекоски.