Младинците ги загубија шансите за пласман на ЕП

149

Репрезентација на Македонија за фудбалери до 19 години денеска доживеа пораз од Унгарија со 3-4 (2-2) во вториот меч од елитните квалификации на УЕФА.

По овој пораз, „црвено-жолтите“ ги загубија сите шанси за пласман на ЕП за младинци.

Унгарците поведоа со голот на Мочи уште во 4-тата минута, а избраниците на Вујадин Станојковиќ израмнија со голот на Колевски во 12-тата минута.

Унгарија повторно дојде до водство во 36-тата минута со голот на Шон, но Митровски израмни со погодок во судиското продолжение.

Македонија дојде до водство во 64-тата минута со вториот гол на Колевски. Унгарците израмнија од пенал во 67-та минута преку Листјик, а целосниот пресврт дојде во 82-та минута кога Беварди го оформи конечниот резултат.

Македонските репрезентативци до крајот не реализираа уште неколку одлични шанси.

По ова коло, Англија е прва во нашата група со 6 бода, Летонија и Унгарија имаат по 3, а Македонија е без бод.

Во последното коло во вторник, Македонија игра со Англија на тренинг-центарот „Петар Милошевски“, а Летонија и Унгарија ќе играат на „Филип Втори“.

Мечевите почнуваат во 14 часот.