Минамино ќе биде идеален играч за Клоп и за Ливерпул!

92

За трансферот на Минамино, кој може да игра класичен плејмејкер, на крилните позиции или како централен напаѓач, Ливерпул ќе му плати на Салцбург 8,5 милиони евра

Актуелниот европски првак и лидер во англиската Премиер-лига, Ливерпул, го договори трансферот (од јануари 2020) на јапонскиот интернационалец Такуми Минамино, напаѓач на австриски Салцбург. Талентираниот фудбалер, со исклучителни работни навики, скромен, но и со амбиции за натамошен напредок, како што го опишуваат англиските медиуми, му фати око на менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, на двата меча против Салцбург во групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ). Ако на ова се додаде и евтината сума во неговата откупна клаузула од само 8,5 милиони евра (процените се дека реално вреди четирипати повеќе), тогаш не е чудно што челниците на Ливерпул побрзаа да го ангажираат.

Минамино, кој на 16 јануари ќе наполни 25 години, може да игра на позицијата класичен плејмејкер, како офанзивен број 8, на крилните позиции или како централен напаѓач, што го прави идеален играч за Клоп и за Ливерпул. На речиси 200-те настапи за Салцбург, тој постигна 64 гола, плус имаше и 44 асистенции.

Но како дојде Минамино во Салцбург од Јапонија? Австрискиот клуб е познат по тоа што регрутира млади, талентирани играчи од целиот свет на кои потоа им дава шанса да напредуваат. Примери за таквиот начин на работа се и сегашните играчи на Ливерпул, Садио Мане и Наби Кеита, кои кариерата ја почнаа токму во Салцбург.

Во почетокот на 2014 година, скаутите на Салцбург се нашле во пристанишниот град Осака, каде што за Серезо Осака играл 18-годишен тинејџер, технички надарен и тактички супериорен во однос на поискусните соиграчи. Австријците го следеле развојот на Минамино 16 месеци пред да го ангажираат, во зимата, 2015 година.

– Тој на 18 години веќе беше во првиот тим на Осака, што беше добар знак. Ние потоа внимателно ги следевме неговите настапи за клубот, како и во јапонската репрезентација до 20 години. Она што е многу важно за нас се менталитетот и карактерот на играчот. Всушност, тоа е поважно од талентот, па затоа пред да ангажираме некој играч собираме многу информации за тоа каков е како личност. Каков е надвор од фудбалот? Каков е на тренинг? Каков е во групното опкружување и кога треба да работи самостојно? Како се справува со тешките ситуации? По сè што видовме и разбравме ни беше јасно дека треба да потпишеме договор со него – вели спортскиот директор на Салцбург, Кристоф Фројнд.

„Домашната работа“ на Салцбург откри дека Минамино е лик што лесно ги надминува проблемите и има незаситен апетит за напредок, што одговараше на мотото на клубот: „Талентот ве води до почетокот. Ставот ве води до целта“. 


Кагава, Оказаки, Хонда…

На Минамино му се предвидува да направи слична, ако не и поуспешна кариера во Европа од повеќемина негови сонародници од Јапонија. Едно од најзвучните имиња е Шинџи Кагава (30), сега играч на Сарагоса, кој исто така потекнува од Серезо Осака. Тој направи фудбалско име во Европа, во Борусија Дортмунд, под водство на Клоп, а потоа настапуваше и за Манчестер јунајтед. Шинџи Оказаки (33) беше дел од тимот на Лестер, кој стана првак на Англија во 2016 г., а сега е во шпанскиот второлигаш Хуеска.
Од постарата генерација познати јапонски фудбалери, најпознат е Хидетоши Наката, кој играше за Рома, Фиорентна и за Болоња. За спомнување се Кеисуке Хонда, сега играч на Витесе, а порано на ЦСКА Москва, Милан, потоа Јуничи Инамото, Арсенал и Галатасарај итн.