Мечот Македонија – Косово без публика

134
Фото: Игор Бансколиев

Да се забрани одржување спортски натпревари со публика во периодот од следните 30 дена во целата земја, пишува во одлуката на Владата

Плејоф-мечот Македонија – Косово за пласман на Европското првенство (ЕП), на 26 март на националната арена „Тоше Проески“ во Скопје, ќе се игра без присуство на публика, поради ескалацијата на коронавирусот.

– Да се забрани одржување спортски натпревари со публика во периодот од следните 30 дена во целата земја – пишува во одлуката на Владата, откако ја разгледа информацијата на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи за преземање дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на коронавирусот по сугестија на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство.

Сите, над 30.000 влезници за тој натпревар, беа распродадени за три дена. Победникот од овој меч на 31 март треба да игра на гости против подобриот од дуелот Грузија – Белорусија, а победникот од тој дуел ќе се пласира на ЕП 2020.

Слични мерки се преземаат и во соседните земји. Бугарскиот фудбалски сојуз (БФС) ја прекина продажбата на билетите за плејоф-натпреварот Бугарија – Унгарија на 26 март во Софија, поради опасноста од ширење на коронавирусот. БФУ, исто така, ја прекина продажбата и на билетите за квалификациите за ЕП 2021 (до 21 година), за мечот Бугарија – Естонија на 29 март. Според информациите, одложен е почетокот на продажбата на билетите за мечот БиХ – Северна Ирска. Под прашалник е и одигрувањето на мечот Словачка – Република Ирска во Братислава, исто така, закажан за 26 март, поради 14-дневната забрана за одржување спортски, културни и други јавни настани што ја воведе словачката влада. Словачката фудбалска асоцијација (СФА) соопшти дека ќе ја почитува секоја одлука на здравствените власти и оти ќе ги обесштети навивачите доколку мечот се игра зад затворени врати.

Според одлуката на Владата, се воведува и задолжителна самоизолација на сите лица што доаѓаат од високо и средноризичните држави, во период од 14 дена (во согласност со листата на Светската здравствена организација). Во случајов, тоа најмногу се однесува на тројцата македонски интернационалци што играат во Италија. Поради тоа, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ќе побара од УЕФА одложување на мечот со Косово, како и на дуелот на младите репрезентации (Македонија – Израел на 26 март, квалификации за ЕП 2021), ни изјави портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски.