Меси сака да замине од Барселона, но допрва го очекува правна битка

214

Сите информации велат дека Лионел Меси сака да замине од Барселона, во која ја помина целата професионална фудбалска кариера. Аргентинските и шпанските медиуми тврдат дека Меси воопшто не искомуницирал директно со водечките луѓе на клубот, туку дека пратил факс со кој бара активирање на клаузулата на договорот со која бесплатно ќе замине од „Ноу Камп“ налето. Угледниот „И-ес-пи-ен“ исто така објави дека Меси сака да ја смени средината, повикувајќи се на повеќе извори.

Ваквата одлука на аргентинскиот крилен напаѓач уследи по ангажирањето на Роналд Куман за нов тренер, односно по поразот од Баерн Минхен 2-8 во четврт-финалето на неодамна завршената Лига на шампионите.

Во договорот на Меси има клаузула со која тој последните две сезони може да замине без отштета (која Барса ја постави на 700 милиони евра), иако таа треба да биде активирана пред 1 јуни. Меси и неговите претставници тврдат дека поради пандемијата и одложувањето на сезоната, клаузулата е валидна до 31 август.

Аргентинскиот „ТyЦ“ исто така тврди дека во пратениот факс Меси посочил дека нема да се појави на саботните медицински тестови и дека нема да игра на пријателските мечеви на тимот.

Меси е во Барселона од својата 13-та година, а дебитираше во првиот тим во 2005 година. Тој е рекордер на Барса со 634 голови и има најмногу трофеи во историјата на клубот (34).

Меѓу најсериозните конкуренти за ангажманот на Меси се спомнуваат Манчестер сити кој го предводи неговиот поранешен тренер од Барселона Пеп Гвардиола, Манчестер јунајтед, Интер, Јувентус, како и актуелниот европски вицешампион Пари Сен Жермен.