Меси пред освојување на шестата „златна копачка“

106

Сезонава Меси даде 36 гола во домашното првенство, најмногу во Шпанија и во петте најсилни европски лиги, вкупно 50 во сите конкуренции

Во фудбалска Европа завршија националните шампионати, познати се најуспешните тимови, како и оние што ќе се преселат во понизок ранг на натпреварување. Во петте најсилни европски лиги нема изненадувања, ново-стари прваци се истите од лани, првпат во историјата на европскиот фудбал. Во Англија, тоа е Манчестер сити, во Шпанија, Барселона, во Италија, Јувентус, во Германија, Баерн и во Франција, ПСЖ. Во сезоната 2005/2006, имаше идентична ситуација (титулите ги одбранија Барселона, Челси, Баерн, Лион и Јувентус), но по скандалот „Калчополи“ во Италија со местењето натпревари, на Јувентус му беше одземена титулата.

Нема поголеми промени и кога станува збор за најдобрите играчи и стрелци во минатата сезона 2018/2019.
Аргентинецот Лионел Меси и Барселона доживеаја дебакл во полуфиналниот меч против Ливерпул (3-0 и 0-4) во Лигата на шампионите (ЛШ) и утеха ќе им биде шампионската титула во шпанската Ла лига и (најверојатно) „кралскиот“ куп во кој во саботното финале се среќаваат со Валенсија.

Меси, според очекувањата, имаше одлична сезона, со импозантни бројки. Тој е најефикасниот во Ла лига со 36 погодоци, 15 повеќе од соиграчот, Уругваецот Луис Суарез и од Французинот Карим Бензема во Реал (по 21). Ова е најголема разлика меѓу најефикасниот и тие зад него во шпанската фудбалска историја. Претходно, најефикасен, со постигнати 14 гола повеќе беше Мексиканецот Уго Санчез, напаѓачот на Реал, во сезоната 1986/1987.

За Меси тоа е шести, пичичи-трофеј наменет за најефикасниот играч во шпанското првенство, со што го израмни рекордот на легендарниот Телмо Ѕара, напаѓачот на Атлетик Билбао, од пред 66 години. Вкупно Меси веќе даде 50 гола на 49 натпревари (плус 19 асистенции од кои 13 во шпанскиот шампионат) во сите конкуренции, што е петта сезона во која ја минува границата од 50 и повеќе голови.

Меси е пред освојување на „златната копачка“, третпат едноподруго (лани даде 34 гола), шести во кариерата, како прв стрелец во Европа. Тој има 72 поена (за секој гол во петте најсилни лиги се добиваат два поена), пред Килијан Мбапе со 64 (32 гола), кој теоретски може да го мине бидејќи има за одигрување уште еден првенствен меч, против Ремс на гости. Трет на листата најефикасни е Италијанецот Фабио Кваљарела од Сампдорија (26 гола, 52 бода), кој постигнуваше голови на 11 натпревари во низа со што го израмни рекордот на Аргентинецот Габриел Батистита (Фиорентина) од сезоната 1994/1995.

Во преостанатите две елитни лиги, во англиската Премиер и во германската Бундес-лига, стрелците застанаа на бројката од 22 гола (44 бода). Во Премиер-лигата тоа е тандемот на Ливерпул, Момахед Салах (лани даде 32 гола) и Садио Мане и Пјер-Емерик Обамејанг од Арсенал. Во Германија најефикасен е Роберт Левандовски, од Баерн исто така со 22 гола.

Од европските лиги, во холандската Ередивизија, сезонава голови се изнадаваа, Душан Тадиќ и Лук де Јонг од Ајакс, по 28.