Меси и Роналдо пак се меѓу водечките во трката за „златната копачка“

123
Лионел Меси

Сезонава Меси постигна 16 гола за Барса, два повеќе од доскорашниот ривал од шпанската Ла лига, сега член на Јувентус, Роналдо, а од играчите чии голови се множат со коефициент два, во голгетерска форма се и Кејн, Салах, Обамејанг, Мбапе, Суарез…

Во петте најсилни фудбалски лиги во Европа, во Англија, Шпанија, Германија, Италија и во Франција, продолжија првенствените натпревари и возбудувањата веднаш во првите денови од новата година. На половината од сезоната веќе се издвоија најдобрите стрелци, со чии голови нивните клубови се на врвот на табелата или се блиску до него.
Минатогодишниот освојувач на „златната копачка“ со 34 гола, Аргентинецот Лионел Меси, напаѓачот на Барселона, е на добар пат повторно да биде најефикасен и да го освои вредното признание, шести пат во кариерата. Сезонава Меси веќе постигна 16 гола (32 поени на специјалната листа на која головите во неколку најсилни првенства се множат со коефициент два), два повеќе од доскорашниот ривал од шпанската Ла лига, поранешен играч на Реал, сега на Јувентус, Португалецот Кристијано Роналдо. Тој за „старата дама“ постигна 14 гола (28 поени) и стана најефикасен португалски играч во италијанската Серија А, по Руи Барош.

Габонецот Пјер-Емерик Обамејанг е во одлична форма сезонава, веќе постигна 14 гола (28 поени) за Арсенал, помагајќи му на новиот менаџер Унаи Емери побрзо да излезе од сенката на Арсен Венгер. Последните години редовниот кандидат за „златната копачка“ во Премиер-лигата, Хари Кејн од Тотенхем, како и Обамејанг, има 14 гола.
Погоре наброените фудбалери не се никакво изненадување кога станува збор за ефикасноста, но вистинско освежување е клупскиот колега на Горан Пандев во Џенова, Полјакот Криштоф Пјатек. Тој е во извонредна форма и е првиот играч по Аргентинецот Габриел Батистута пред дваесетина години што постигнал гол во првите седум натпревари во Серија А, а досега вкупно 13 погодока.

Француското чудо од дете, 19-годишниот Килијан Мбапе од ПСЖ, победникот на Светското првенство во Русија лани, сезоната во Лига 1 ја почна во голема форма (13 гола). Во октомври против Лион (5-0) тој постигна четири гола за 13 минути. Мохамед Салах од Ливерпул (13 гола досега), првиот стрелец лани во Премиер-лигата со 32 гола, по нешто послабиот старт, влезе во форма и игра сѐ подобро и, што е побитно, постигнува голови како лани. Египетскиот интернационалец постигна прв хет-трик сезонава на мечот против Борнмут (4-0)

Шпанецот Пако Алкасер, кој е позајмен во Борусија Дортмунд (од Барселона), стигна до бројката од 12 гола. Тој постигна хет-трик на мечот против Аугсбург (4-3) во октомври, а третиот гол го постигна од слободен удар во шестата минута од судиското продолжение. Вистинско откритие во Бундес-лигата е младиот, 20-годишен Србин Лука Јовиќ, напаѓачот на Ајнтрахт, со 12 гола. Јовиќ постигна пет гола против Диселдорф на 19 октомври, станувајќи најмладиот играч во историјата на Бундес-лигата кому му успеало тоа.

Аргентинецот Емилијано Сала, со 12 гола, е во добра форма иако Нант е на средината на табелата во француската лига. По 12 гола сезонава имаат и Николас Пепе (Лил), Фабио Кваљарела (Сампдорија) и Луис Суарез (Барселона), по 11 имаат Нејмар (ПСЖ), Флоријан Товен (Марсеј), Кристијан Стуани (Гирона), Тимо Вернер (Лајпциг) и Марко Ројс (Борусија Д.) итн.