Меси и Барселона соочени со тешки одлуки по влошувањето на односите

172

Постои можност Барселона и Лионел Меси да се најдат на суд во правна битка на која ќе се одлучува за можното раскинување на договорот на Аргентинецот, откако тој го информираше клубот дека сака да замине. Незадоволството и несогласувањето помеѓу двете страни, како и нефункционалноста на клубот сугерираат дека е време Меси да го напушти „Ноу Камп“, пишуваат светските медиуми.

Ако Барселона се откаже од инсистирање на договорот на Меси кој важи до крајот на наредниот јуни, ќе избегне правна битка, но тоа значи дека ќе му дозволи на одличниот крилен напаѓач да замине без обесштетување, според клаузулата што му ја овозможува таквата можност. Ако Меси, пак, реши да бара раскин на договорот на суд, Барселона веројатно ќе се бори за своите права. Во договорот има клаузула според која Меси може да замине без отштета (која Барса ја постави на 700 милиони евра), со нејзино активирање пред 1 јуни. Најдобриот фудбалер на Барселона и неговите претставници тврдат дека клаузулата е валидна до 31 август, поради пандемијата и одложувањето на сезоната.

Се поставува прашањето со што ќе се соочи клубот ако го принуди Меси да остане против неговата волја и ако отиде на суд со цел да не му даде слобода, или пак, таа да дојде по одредена цена. Извесно е дека тогаш Барселона во својот состав ќе го има незадоволниот Меси, кој веќе во првиот нареден преоден рок ќе преговара со бројни клубови заинтересирани за негов ангажман, што не звучи поволно за Каталонците. Во тој случај следната година би претставувала губење на време за Меси, а веројатно и за клубот.

Откако Меси го продолжи договорот со Барселона во 2017 година, работата на клупската управа изразена преку неуспесите во Лигата на шампионите и повеќе скапи промашени трансфери во обидот за засилување на составот, доведоа до разочарување на Аргентинецот, кој се чини дека остана без љубовта и лојалноста за клубот во кој е од неговата 13-та година.

Сега се поставува и прашањето кој ќе биде следниот клуб на Меси, со што се спомнуваат бројни великани на европскиот фудбал, меѓу кои се Манчестер сити, ПСЖ, Интер…

Во Манчестер сити Меси би добил прилика да соработува со поранешниот тренер од Барселона, Пеп Гвардиола со кого заедно освоија два трофеја во Лигата на шампионите. Во ПСЖ би станал дел од опасното напаѓачко трио со поранешниот соиграч Нејмар и со Килијан Мбапе. Тука е и Интер кој со години не се откажува од ангажманот на Меси, што би можело да одигра улога во трансферот. Згора, Меси во Италија би добил прилика да го обнови ривалството со Кристијано Роналдо кој настапува за Јувентус.

Се спомнуваат и Интер Мајами на Дејвид Бекам од американската МЛС-лига, како и клубот од неговото детство, аргентински Њуелс олд бојс, но таквите опции не делуваат веројатни, од финансиска, ниту од натпреварувачка гледна точка.

Познавачите на фудбалот го посочуваат Манчестер сити како водечки фаворит за ангажманот на Меси, но не треба да се изостави ниту последната опција – останувањето во Барселона, што обложувачниците го сметаат за најверојатно, и покрај досегашниот неочекуван развој на настаните.