Меган Рапино: Можеме да го смениме светот на подобро

146
Меси и Рапино со наградите

Во моќниот говор по примањето на признанието за најдобра фудбалерка на светот, Рапино (34) се осврна на расизмот, хомофобијата и на нееднаквоста за кои рече дека уште постојат во фудбалот

Американката Меган Рапино, најдобрата и најефикасна фудбалерка на Светското првенство (СП) годинава во Франција, членка на Сиетл реин, чиј тренер е Македонецот Влатко Андоновски, беше меѓу најекспонираните на гала-свеченоста во познатата „Скала“ во Милано. Рапино беше во фокусот на вниманието, како поради успесите на теренот, така и поради активностите надвор од теренот, во врска со барањата за еднакви права во фудбалот и во спортот воопшто, и за изедначување на наградите и примањата на колешките од американскиот национален тим.

Во моќниот говор по примањето на признанието за најдобра фудбалерка годинава, од првиот човек на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, Рапино (34) се осврна на расизмот, хомофобијата и на нееднаквоста за кои рече дека уште постојат во фудбалот, јави Би-би-си.

– Некои од приказните што ме инспирираа годинава се Рахим Стерлинг од Манчестер сити и Калиду Кулибали од Наполи поради нивните игри и поради реакцијата на одвратниот расизам со кој мораа се соочат годинава, веројатно и целиот живот. Ако сакаме да имаме значајна промена, она што мислам дека би било најинспиративно е доколку сите, не само Стерлинг и Кулибали, му се спротивстават на расизмот. Ако сите се против хомофобијата како што се ЛГБТК-фудбалерите, ако сите се залагаат за еднакви плати или за поголеми инвестиции во женскиот фудбал, освен жените, тоа било нешто најинспиративно за мене. Ги замолувам сите тука да им помагаат на другите луѓе, да го споделуваат успехот. Имаме единствена можност да ја искористиме оваа игра за да го смениме светот на подобро. Имаме неверојатна моќ во оваа просторија – ја пренесе Би-би-си изјавата на Рапино на церемонијата на ФИФА во Милано при прогласувањето на најдобрите во фудбалот за годинава. 


Меси: Индивидуалните награди се споредни, важен е колективот

Меси шести пат е прогласен за најдобар светски фудбалер откако доби повеќе гласови од конкурентите, Холанѓанецот Ван Дајк од Ливерпул и од Португалецот Роналдо од Јувентус

Аргентинецот Лионел Меси, играч на Барселона, шести пат е добитник на признанието за најдобар фудбалер на светот во изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА). За Меси, кој доби повеќе гласови (48) од конкурентите, од Холанѓанецот, Вирџил ван Дајк (38 гласа) од Ливерпул и од Португалецот Кристијано Роналдо од Јувентус (36 гласа), ова е прва ваква награда по 2016-та откако ФИФА и „Франс фудбал“ се разделија и доделуваат посебни награди. Меси (32) минатата сезона со Барса стана првак на Шпанија, а во Лигата на шампионите стигна до полуфиналето. Во сезоната 2018/2019 тој постигна 54 гола на 58 меча, плус 20 асистенции и ја освои „златната копачка“ на Европа.
– Сакам на сите да ви се заблагодарам. За мене, индивидуалните награди се споредни, важен е колективот. Јас имам сопруга, тука се и моите две деца, кои седат таму и не знаат дали да се поздрават или да побараат фотографии од извонредни фудбалери околу нив – рече Меси.
Признанието за најдобар тренер го доби менаџерот на европскиот првак Ливерпул, Германецот Јирген Клоп (доби 48 гласа), во конкуренција на уште двајца менаџери на премиерлигашки клубови, Шпанецот Пеп Гвардиола (38 гласа), на Манчестер сити, првакот на Англија и Аргентинецот Маурисио Почетино (27 гласа), на европскиот вицепрвак, Тотенхем.
Бразилецот Алисон Бекер (Ливерпул) беше прогласен за најдобар голман, а Аргентинецот Марсело Биелса, менаџерот на Лидс, го доби признанието за ферплеј поради тоа што им нареди на своите фудбалери на мечот во април да дозволат Астон Вила да постигне гол и да израмни, по една спорна ситуација претходно, кога неговите фудбалери поведоа откако гостите застанаа по повредата на еден нивни играч, а домашните го искористија тоа и постигнаа гол.
Унгарецот, 18-годишниот Даниел Жори, ја доби наградата наречена според неговиот славен сонародник, „Ференц Пушкаш“, за најубав гол на сезоната. Тој го постигна голот на мечот за Дебрецин против Ференцварош во февруари, на дебито, веднаш по влегувањето во игра, во 93-та минута! 


 

ПОБЕДНИЦИТЕ ВО ИЗБОРОТ НА ФИФА ЗА ГОДИНАВА

Најдобар фудбалер: Лионел Меси
Најдобра фудбалерка: Меган Рапино
Тренер, машки тим: Јирген Клоп
Тренер, женски тим: Џил Елис
Голман, мажи: Алисон Бекер
Голман, жени: Сари ван Венендал
Награда „Ференц Пушкаш“: Даниел Жори
Награда за навивач: Силвија Греко
Награда за ферплеј: Марсело Биелса
Најдобрите 11, мажи: Алисон – Матијас де Лихт, Марсело, Серхио Рамос, Вирџил ван Дајк – Френки де Јонг, Еден Азар, Лука Модриќ – Кристијано Роналдо, Килијан Мбапе, Лионел Меси.
Најдобрите 11, жени: Сари ван Венедал – Луси Бронз, Нила Фишер, Кели О’Хара, Венди Ренар – Џули Ерц, Амандин Анри, Роуз Лавел – Марта, Алекс Морган, Меган Рапино.