Мбапе: Сакам да освојам сѐ што не сум освоил

113

Кога сакате да продолжите да победувате, секогаш има можности да покажете дека можете да станете уште подобри. Ќе се обидам пак да станам светски првак ако можам, но би сакал да ги освојам трофеите што уште не сум ги освоил, а тоа секако ја вклучува и ЛШ, вели Мбапе во интервјуто за ФИФА

Можеби има само 20 години, но Килијан Мбапе веќе направи одлична кариера. Тој е шампион од Светското првенство во 2018 година, трикратен победник на француската лига со Пари Сен Жермен и со Монако, а двапати член на најдобриот тим на годината во изборот на ФИФА и на ФИФПро (во 2018 и во 2019 година). Францускиот фудбалер во никој случај не е уморен од победите и зборуваше за интернет-страницата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за предизвиците што претстојат во неговата кариера.

Влеговте во фудбалската елита уште на многу рана возраст. Како успеавте да задржите студена глава и покрај сето тоа?
Со мојата желба за победа. Ја освоивме светската титула, што беше фантастично, но имавме само три недели пред почетокот на првенството и на Лигата на шампионите, па немавме време да се одмориме. Мора да го одржувате тој висок стандард ако сакате да продолжите да победувате. Ако ја немате таа желба, тогаш само може да мислите дека сте сториле сѐ и да се повлечете во заднина. Но кога сакате да продолжите да победувате, секогаш има можности да покажете дека можете да станете уште подобри.
Кои се вашите цели сега?

Ќе се обидам пак да станам светски првак, ако можам, но би сакал да ги освојам трофеите што уште не сум ги освоил, а тоа секако ја вклучува и ЛШ. Тоа е клупско натпреварување на кое како фудбалер сонувате да победите. Имам среќа да познавам фудбалери што го освоија, ги гледам и учам од нив. Се надевам дека ќе можам еден ден и јас да го освојам тој трофеј.

Лигата на шампионите веќе неколку сезони е цел на ПСЖ. Дали тоа врши дополнителен притисок врз играчите?
Не. Има 32 екипи што сакаат да го освојат трофејот, а 31 од нив ќе завршат разочарани. Најважно е само да се фокусираме на она што го правиме, што е нешто што го научивме од претходните искуства. Летово имаше промени, кои беа позитивни за мене, но нема да размислуваме премногу за тоа. Ќе продолжиме да работиме напорно. Имаме одлични играчи и имаме цел да создадеме вистински тим. Мислам дека сме на пат да го сториме тоа.

Вие сте родени откако Франција го освои СП 1998, а тренерот на вашата репрезентација, Дидие Дешамп, беше еден од најважните играчи во тој тим.
Тој беше капитен. Тој е доволно среќен и талентиран да стане светски првак како фудбалер и како тренер, што е историско достигнување. За мене беше фантастично да го имам како пример. Обожавам да работам со луѓе чии имиња влегоа во историјата.


„Фудбалот за мене не е само работа“

Како се променивте откако станавте професионалец?
Созреав. Поискусен сум. Научив многу од сите успеси и неуспеси. Мојата кариера ќе се гради во текот на следните десет или 15 години и она што го правам сега е поставување на темелите. Ќе продолжам да го правам тоа и да видиме каде ќе ме однесе, вели Килијан Мбапе во интервјуто за ФИФА.
Дали сте фудбалски фанатик или се исклучувате веднаш штом ќе заминете од теренот?
Да. Фудбалот за мене не е само работа. Мојот сон се оствари кога почнав да играм фудбал и кога станав професионалец, и секој ден треба да го живеам тој сон. Ги гледам сите натпревари во сите лиги и никогаш не ми е здодевно. Го сакам тоа, рече францускиот репрезентативец и член на ПСЖ.