Мбапе е најскап меѓу најскапите

228

Покрај Французинот Мбапе (218,5 милиони евра) од ПСЖ, само уште Англичанецот Кејн од Тотенхем се проценува на над 200 милиони евра, во анализата на ЦИЕС

Младиот француски интернационалец, напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе (20) е најскапиот светски фудбалер во конкуренција на играчи од петте најсилни европски лиги. Неговата моментна вредност на трансфер-пазарот изнесува 218,5 милиони евра, покажува најновата студија на Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС), со седиште во Нојшател, Швајцарија.
Покрај Мбапе, само уште еден играч, Англичанецот Хари Кејн од премиерлигашот Тотенхем, се проценува на повеќе од 200 милиони евра (200,3). Понатаму, од третата позиција, на која е Бразилецот Нејмар од ПСЖ (197,1 милиони), па до 27-та и до уште еден Бразилец, но голман, на Манчестер сити, Едерсон, вредноста на играчите е над 100 милиони евра (100,1).

Од 27-те фудбалери со вредност од над 100 милиони евра, 16 настапуваат во англиската Премиер-лига, петмина во шпанската Ла лига, тројца во италијанската Серија А, двајца во француската Лига 1 и еден во германската Бундес-лига. Овие 27 играчи доаѓаат од 11 земји, и тоа од Бразил (шестмина), Англија (петмина), Франција (петмина), Аргентина (двајца), Португалија (двајца), Белгија (двајца), Египет (еден) , Сенегал (еден), Уругвај (еден) и од Италија (еден).

При рангирањето на ЦИЕС, предвид се имаат неколку фактори, како што се годините, моментната форма, позицијата во тимот, клубот и лигата, должината на договорот, привлечноста кај спонзорите итн. Двајцата моментно најдобри светски фудбалери, Аргентинецот Лионел Меси од Барселона и Португалецот Кристијано Роналдо од Јувентус, кои се на седмата, односно на 19-та позиција, се проценуваат на 171,2, односно на 127,2 милиони евра, што најмногу се должи на нивната возраст од над 30 години.

Најдобриот светски фудбалер за 2018 година, Хрватот Лука Модриќ од Реал Мадрид, не е ниту меѓу 100-те највредни играчи, како и голманот на Манчестер јунајтед, Шпанецот Давид де Хеа. Изненадување секако е и тоа дека Белгиецот Ромелу Лукаку, напаѓачот на Манчестер јунајтед, кој е осморангиран (162 милиони евра), вреди повеќе од играчот на Атлетико, Французинот Антоан Гризман (155,2) на 11-та позиција, од клупскиот колега, Французинот Пол Погба (130,3), па и од неговиот сонародник Еден Азар од Челси (129 милиони евра), кои се на 17-та, односно на 18-та позиција.

На 50-та позиција е младиот бек на Јувентус, Португалецот Жоао Кансело (78 милиони), на 60-та е Холанѓанецот, Џорџинио Вајналдум од Ливерпул (75), на 70-та е Шпанецот Фабијан Руиз од Наполи (70,1), на 80-та е уште еден Шпанец, Маркос Алонсо од Челси (65,1), на 90-та позиција е Миралем Пјаниќ (БиХ) од Јувентус (58,6) и на 100-та, Португалецот Андре Силва од Севилја (55,6 милиони евра).