Масовен фудбалски карантин за да се доигра сезоната во Англија?

71

Натпреварите би се играле во изолирани кампови во јуни и во јули, за да се комплетира сезоната 2019/2020, и би биле пренесувани на ТВ, пишува весникот „Индепендент“. За да се реализира ваквиот план, клубовите и сите нивни официјални лица би биле во одвоени хотели, во вистински карантински услови, во кои би биле и сите службени лица и ТВ-екипите, за да се намали ризикот од инфицирање со коронавирусот, бидејќи дури и еден позитивен случај би можел да го наруши целиот план

Премиер-лигата разработува планови за играње натпревари во изолирани кампови што би биле пренесувани на ТВ по моделот на светско првенство во средишниот дел од земјата и во Лондон, во текот на јуни и на јули, за да се комплетира сезоната 2019/2020, и покрај пандемијата на коронавирусот, пишува весникот „Индепендент“. Огромните доходни договори за ТВ-правата и другите финансиски обврски и проблемите што произлегуваат од нив го зголемија притисокот врз клубовите да ја завршат сезоната.
Идејата за светско првенство се појави уште во почетокот од март, кога дојдоа првите одложувања на натпревари во Премиер-лигата, но клубовите постојано ѝ се навраќаа и последните денови сѐ повеќе се говори за неа. Фудбалските власти разговарале за оваа идеја минатиот викенд, а натпреварите „зад затворени врати“ уште се сметаат за најверојатно решение.

Но идејата за изолирани кампови, клубовите уште ја разгледуваат. Значајна предност во корист на идејата е дека тоа би бил „ТВ-меганастан“. На „Индипендент“ му било кажано дека се подготвени планови за ТВ-преноси на преостанатите 92 натпревари, по неколку секој ден во текот на летните месеци.
За ова има поддршка и од Владата, на која ѝ се допаѓа идејата, особено во случај кога мерките за движење и за патувања се редуцирани или продолжени. За да се реализира ваквиот план, клубовите и сите нивни официјални лица би биле во одвоени хотели подалеку од нивните семејства, слично како и на големите меѓународни турнири, во вистински карантински услови.

Целта е да се намали ризикот од инфицирање со коронавирусот, бидејќи дури и еден позитивен случај би можел да го наруши целиот план. Идејата е натпреварите да се одиграат во јуни и во јули, кога најверојатно ќе се воспостави многу поригорозен систем за тестирање и кривата на позитивни случаи ќе оди надолу. Но полесно е нешто да се испланира отколку да се реализира. Во конкретниот случај има доста логистички проблеми што треба да се решат.

Не се само клубовите оние што би требало да бидат во карантин, туку и сите службени лица, камермани и други од ТВ-екипите. Останува, исто така, и моралното прашање и потребата од медицински лица на „несуштински настани“, да не зборуваме за потенцијалните посети во болница, истакнува „Индепендент“.
– Каде ќе оди играчот доколку ги повреди лигаментите или ја скрши ногата? Болниците ќе имаат многу поголема грижа. Премиер-лигата ќе мора да има своевидна приватна болница – вели еден неименуван извор.

Голем културно-социолошки настан, како што е продолжувањето на натпреварите во Премиер-лигата, би се сметал за голем чекор напред во враќањето на нормалноста, како и психолошки поттик за нацијата. Тоа би значело и раздвижување на економијата, особено во многу услужни дејности, рекламирање, обложување итн.
Расположението меѓу фудбалерите е сѐ поголемо за завршување на сезоната ако тоа може да се направи зад затворени врати. Што се однесува до местата, планот со сигурност се однесува на средишниот дел од земјата, можеби и на Лондон. Но можно е да се користат и тренинг-терените наместо стадиони. Како опција се спомнува и тренинг-центарот на ФА и на репрезентацијата на Англија. Во моментов чувството е дека „сѐ е на маса, за да се играат натпревари“. Општо прифатено е дека ништо нема да се конкретизира додека тестирањето не се рашири насекаде.