Марко Силва петта менаџерска жртва во Премиер-лигата

46

Сезонава добија откази Маурисио Покетино во Тотенхем, Унаи Емери во Арсенал и Хави Грасија и Кике Санчез Флорес во Вотфорд

Марко Силва, менаџерот на Евертон, доби отказ по серијата лоши резултати есенва во Премиер-лигата и по убедливиот пораз од Ливерпул во градското дерби на „Енфилд“, 2-5.

Силва (42), кој на клупата на Евертон дојде во мај 2018-та (на местото на Сем Алардајс), е петтата жртва сезонава што добива отказ како менаџер во Премиер-лигата. Претходно истата судбина ги снајде Маурисио Покетино во Тотенхем, Унаи Емери во Арсенал и Хави Грасија и Кике Санчез Флорес во Вотфорд.

По ова англиските медиуми започнаа со шпекулациите за тоа на кои менаџери им се заканува отказ. На врвот на таа листа е Мануел Пелегрини од Вест Хем, кој е 15-ти на табелата. Резултатите и игрите на Вест Хем се далеку од задоволителни, но Палегрини си обезбеди дополнително време по неочекуваниот триумф над Челси, на гости, со 2-0. Дали тоа ќе значи дека работите и резултатите ќе се придвижат на подобро и Палегрини ќе остане на клупата на „чеканите“ останува да се види. Во слична ситуација е и Оле Гунар Солскјер, менаџерот на Манчестер јунајтед. Игрите и резултатите се според принципот топло-ладно, и далеку од стандардите на трофејниот клуб, но и тој си обезбеди дополнително време по победата над Тотенхем во средата (2-1). Вечерва е големото градско дерби, на гости против Манчестер сити и во зависност од исходот на тој меч, ќе се знае дали повторно ќе се најде под притисок.

На тенок мраз е и Даниел Фарке, менаџерот на Норич, по 10 порази на 15-те натпревари сезонава и пласманот на претпоследното место со 11 бода. Натаму како следен за отстрел се спомнува и Ралф Хазелхатл, менаџерот на Саутемптон, но работите одат на подобро за него, и за тимот, по седумте освоени бода од можните девет бода на последните три меча. И на крајот, поучени од искуството и од начинот на работа на бордот директори на Вотфорд, не му се даваат многу шанси за опстанок на новиот привремен или постојан менаџер. Ако можеше Грасија да биде сменет по четири кола, потоа и Кике Санчес, зашто да не добие отказ и третиот менаџер?