Марко Ван Бастен постигна гол за сите времиња

64

Европското фудбалско првенство годинава во 12 земји е јубилејно, на 60-годишнината од првото, одржано во 1960 година. До почетокот на 16-от шампионат, „Нова Македонија“ периодично објавува приказни за минатите првенства на Стариот Континент, за неговата еволуција, за поединците и за репрезентациите што го обележија ова натпреварување

ФУДБАЛ – ШЕЕСЕТ ГОДИНИ ЕВРОПСКИ ПРВЕНСТВА (8)

Европското првенство (ЕП) во фудбал во 1988 година, кое се одржа во Германија, со осум репрезентации и во осум града, го одбележи Холанѓанецот Марко ван Бастен, тогаш 23-годишен, талентиран напаѓач. Тој постигна три гола на мечот со Англичаните во групната фаза (3-1), еден, победничкиот против Германија во полуфиналето (2-1) и еден против СССР во финалето (2-0), спектакуларен, ретко виден гол со волеј од речиси мртов агол.
Одличен ефект за фудбалер, кој во дебитантската сезона во Милан имаше многу проблеми со повреда на глуждот и кој на воведниот натпревар против СССР (0-1) беше на клупата за резервни играчи.

– За мене не беше проблем да седам на клупата. Не бев во добра форма и немав причина да мислам дека треба да бидам меѓу првите 11. Само гледав, учев и го чекав моментот кога ќе добијам шанса – изјавуваше подоцна Ван Бастен.
Потоа следуваше хет-трикот против Англија. Од тој момент како сѐ да се смени на подобро за него. Во полуфиналето Холандија, која ја предводеше селекторот Ринус Михелс, и со играчи како Руд Гулит во капитенска улога, Франк Рајкард, Роналд и Ервин Куман, се намери на домаќинот, Западна Германија.

Знаете, треба многу среќа за таков удар. Сѐ помина добро. Тоа е една од оние работи што понекогаш едноставно се случуваат, вели Марко ван Бастен за познатиот гол со волеј од мртов агол, во финалето Холандија – СССР (2-0) на ЕП 1988 во Германија

Холанѓаните остварија победа, прва по 32 години, и им се реваншираа за поразот во финалето на Светското првенство во 1974 година. Германците поведоа со 1-0 со голот на Лотар Матеус во 55-та минута, а за пресвртот се погрижија Роналд Куман со израмнувачкиот гол во 74-та минута и Ван Бастен со победничкиот гол во 88-та минута. Потоа дојде финалето, дуелот против СССР и познатиот волеј-гол.

– Сѐ беше позитивно, бевме полни со самодоверба, убедени дека можеме да победиме. Тој волеј… Се играше второто полувреме, јас бев малку уморен. Топката ја центрираше Арнолд Мирен и помислив, во ред, можам да ја запрам, да се обидам да дриблам и да шутирам или да ризикувам и веднаш да бијам. Знаете, треба многу среќа за таков удар. Сѐ помина добро. Тоа е една од оние работи што понекогаш едноставно се случуваат. Можам да раскажувам многу приказни, но едноставно чувството беше фантастично. Морам да бидам среќен и благодарен што таков момент ни беше даден мене и на Холандија. Но во тој момент не сфатив што направив.

Тоа може да се види и од мојата реакција. Се прашував: „Што се случи“? – вели Ван Бастен.
За Холандија тоа беше прва и досега единствена титула првак на Европа.

[email protected]