Манчестер сити со трофеј ја почна сезоната

89

Првакот на Англија, Манчестер сити, е победник во 96-то издание на Комјунити шилд, англиската верзија на Суперкупот (до 2002 година се викаше Черити шилд). На отворањето на новата сезона Сити го совлада освојувачот на ФА-купот, Челси, со 2-0, со головите на Серхио Агуеро во 23 и 58 минута, за него 200. и 201. гол во дресот на граѓаните, од кои 10 му има дадено на Челси (најмногу има постигнато против Њукасл, 14).

Сити по петти пат во клупската историја го освои овој трофеј, прв по 2012-та, кога на стадионот „Вила парк“ исто така го победи Челси со 3-2. Првпат по пет години, и по Манчестер јунајтед во 2013-та (победа над Виган од 2-0), се случи во овој меч да триумфира првакот, а не освојувачот на купот. Челси, пак, петти пат по ред го загуби мечот во Комјунити шилд (2010, 2012, 2015, 207 и 2018 година), со што му се придружи на Њукасл, кој досега имаше најлоша таква серија (губеше во 1932, 1951, 1952, 1955 и во 1996 година).

Првиот ваков меч во Англија е одигран во 1908 година, меѓу тогашниот шампион во Првата дивизија, Манчестер јунајтед, и првакот на регионалната Јужна лига, Квинс парк ренџерс (1-1 и 4-0 во повторениот меч, прв и единствен досега), на стадионот „Стамфорд бриџ“ во Лондон (сега на него игра Челси). Но, фактички, според традицијата, мечот со кој се официјализира почетокот на новата сезона почнува од 1959 година, кога Вулверхемтон го совлада Њукасл со 3-1.
Најуспешен клуб во ова натпреварување е Манчестер јунајтед со 21 трофеј, Арсенал и Ливерпул имаат по 15 итн.