Македонија со една победа постави два рекорда

299
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија го совлада Гибралтар на гости со 2-0 и постави нов рекорд од осум меча без пораз во низа, но и израмни рекорд стар шеснаесетина години од четири меча без пораз на официјални натпревари

Фудбалската репрезентација на Македонија со победата над Гибралтар на гости со 2-0 (стрелци Тричковски и Алиоски) во 1-то коло од Лигата на нациите постави нов рекорд во серија мечеви без пораз. Но, црвено-жолтите направија уште еден подвиг, израмнија рекорд стар 16 години, четири меча без пораз на официјални средби на гости, но со подобар ефект од рекордното остварување.

Македонија со триумфот кај Гибралтар стигна до осум натпревари во низа без пораз, серија што трае повеќе од една година. Со триумфот црвено-жолтите ги најавија амбициите за победа во групата 4 во рамките на лигата Д, што ќе донесе пласман во лигата Ц и играње на фајналфорот на лигата Д, заедно со другите три победници на групите. Од тој фајналфор шампионот ќе се пласира на Европското првенство во 2020 година. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски вчера играа во Скопје со Ерменија, во 12-то коло.

Македонија одигра рутински меч против домаќинот, кој првпат во својата историја одигра официјален меч дома (досега играше на неутрален терен, во Португалија). Македонија во минатите осум меча забележа по четири победи и нерешени средби (од тоа пет на квалификациски средби, со Италија 1-1, Израел 1-0, Албанија 1-1, Лихтенштајн 4-0 и со Гибралтар 2-0 и три пријателски, со Норвешка 2-0, Финска 0-0 и со Азербејџан 1-1). Со тоа е надминат репрезентативниот рекорд од седум меча во низа без пораз, од 2010 година, кога црвено-жолтите забележаа пет победи и две ремија, но тогаш сите во пријателски натпревари. Вкупната гол-разлика во новата серија е 12-3.

Серијата од четири дуели без пораз на гости во официјални мечеви (квалификации и Лига на нации) почна со победата кај Лихтенштајн на 24 март минатата година со 3-0, продолжи со триумфот кај Израел на 2 септември со 1-0, потоа со ремито во Торино со Италија, 1-1 на 6 октомври (сите три меча во квалификациите за Светското првенство година во Русија), а сега се зголеми на четири меча со победата кај Гибралтар со 2-0. Низата почна по поразот кај Шпанија, со 0-4, на 12 ноември 2016 година, исто така, во циклусот за пласман на Мундијалот.

Ова е израмнување на претходните две серии со по четири официјални меча без пораз во низа, но е најубедлива поради трите победи. Првата ваква серија се случи пред шеснаесетина години, кога Македонија одигра четири нерешени натпревари од јули 2001 до 16 ноември 2002 година, и тоа со Турција 3-3, Азербејџан 1-1, Лихтенштајн 1-1 и со Англија 2-2 (првите два меча во квалификациите за Светското првенство во 2002 година, а вторите два во циклусот за Европското првенство во 2004 година).
Потоа, во периодот од 12 ноември 2005 година до 11 ноември 2006 година Македонија по двапати победи и ремизира (Холандија 0-0 во квалификациите за СП 2006, а потоа со Естонија 1-0, Англија 0-0 и со Андора 3-0 во квалификациите за ЕП 2008). 


Ефикасно прво коло

По првото коло на новоформираното натпреварување за фудбалските репрезентации во Европа, Лигата на нациите, немаше поголеми изненадувања, но беа забележани две високи победи, од кои едната што се издвојува е триумфот на Швајцарија дома со 6-0 над Исланд, во рамките на најсилната, лига А. Вкупно беа постигнати 54 гола на 23 меча, што е 2,34 гола по меч.
Во другите средби од таа конкуренција Шпанија на гости со пресврт ја совлада Англија со 2-1, Италија дома ремизира со Полска, а во дуелот на светските прваци од 2014 и 2018 година, Германија и Франција, не беше постигнат ниту еден гол од десетте шута во рамките на головите.
Во лигата Б репрезентациите на Велс и на БиХ славеа на дебито на новите селектори во официјален меч. Велс до Рајан Гигс како селектор дома ја совлада Република Ирска со 4-1, а БиХ, чиј кормилар е Роберт Просинечки, на гости славеше против Северна Ирска.
Во лигата Ц главно фаворитите освојуваа бодови, а во лигата Д, покрај Македонија, која го победи Гибралтар, се издвоија Белорусија со победата над Сан Марино со 5-0 и Луксембург со триумфот над Малта со 4-0.