Македонија против Фарски Острови ја почнува кампањата за ЕП 2021

129

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација (до 21 година), Благоја Милевски, го објави списокот со 25 фудбалери на кои ќе смета за првиот натпревар против Фарски Острови во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021 година што ќе се одржи во Унгарија/Словенија, во јуни 2021.

На списокот нови играчи се Томче Гроздановски од Злате Моравце и голманот на Академија Пандев, Давид Денковски.

Првиот меч во квалификациите за ЕП во групата шест, во која, покрај Македонија и Ф. Острови, се уште актуелниот европски првак, Шпанија, Израел, Црна Гора и Казахстан, треба да се одигра на 10 септември на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.

– На списокот се 17 играчи од последниот натпревар со Финска, тоа што го видовме на тој контролен дуел ни потврди дека имаме квалитет и потенцијал. Тоа се фудбалерите на кои најмногу ќе сметаме во овој циклус. За жал, ги нема повредените Дејан Миловановиќ (Академија Пандев) и Ениз Фазлагиќ (Жилина), но се надевам дека тие брзо ќе закрепнат и ќе им бидат на располагање на клубовите и репрезентацијата. Фарски Острови, според начинот на игра и физичките предиспозиции, личат на Исланд и јасно е дека до позитивен резултат ќе дојдеме само ако дадеме максимум – истакна Милевски, додавајќи оти ова е најдоброто што го поседува Македонија во моментов во оваа старосна категорија. 


Состав на Македонија

ГОЛМАНИ: Томас Божиновски (Фиеренсе, Португалија), Ристе Јанков (Работнички), Даниел Котевски (Охрид), Давид Денковски (Академија Пандев)
ОДБРАНА: Агрон Руфати (Истра, Хрватска), Есмин Личина (Македонија ЃП), Филип Антовски (Динамо З., Хрватска), Тодор Тодоровски (Осиек, Хрватска), Ване Јованов (Академија Пандев), Денис Стошиќ (Брегалница), Никола Серафимов (Вардар).
СРЕДЕН РЕД: Давор Здравковски (АЕЛ, Кипар), Димитар Митровски (Спортинг, Португалија), Кристијан Ацковски (Работнички), Милош Тошевски (Земун), Јани Атанасов (Бурсаспор, Турција), Кристијан Трајчевски (Оливеира, Португалија), Томче Гроздановски (Злате Моравце, Словачка)
НАПАД: Енсар Љума (Дрита), Милан Ристовски (Нитра, Словачка), Марио Крстовски (Академија Пандев), Кристијан Трапановски (Подбрезова, Словачка), Ердон Даци (Коњаспор, Турција), Емил Абаз (Борец), Дарко Чурлинов (Келн)
Селектор: Благоја Милевски