Македонија освои бод во Израел, на победа против Летонија

169

Македонските фудбалери одиграа нерешено, на гости во Израел, 1-1, во квалификациите за ЕП 2020. В понеделник, Македонија ѝ гостува на Летонија, во Рига

Македонија освои бод на гости против Израел (1-1) во Бер Шива, во петтото квалификациско коло, група Г, за пласман на Европското првенство (ЕП) 2020 година. Но, ако се сумира сѐ што се случуваше за 90-те минути игра, заклучокот е дека Македонија не освои бод, туку загуби два, со оглед на неколкуте изгледни ситуации што можеа да резултираат со погодок. Од друга страна, пак, и голот што го дадоа Израелците можеше да се спречи, бидејќи не беше постигнат по некоја маестрална акција, туку по пропустите во македонската одбрана по левата страна, по што Еран Захави во 55-та минута го даде осмиот гол во квалификациите. Сепак, тоа водство на Израелците не ги поколеба македонските фудбалери, кои добрата игра на овој меч ја крунисаа со израмнувачкиот гол на Аријан Адеми во 64-та минута, а по одличниот центаршут на Езџан Алиоски од десната страна.

Најдобрите македонски фудбалери со ремито против Израел ја продолжија серијата добри резултати на гостувањата. Од март 2017-та досега ефектот на Македонија на 10-те меча се четири победи, пет ремија и само еден пораз, со гол-разлика 12-8. Таа серија почна со победата над Лихтенштајн во квалификациите за Светското првенство (СП) 2018 во Русија, потоа беше победен Израел, а мечот со Италија заврши со реми. Потоа следуваа нови два меча без победник на неутрален терен, во Турција, со Финска и со Азербејџан. Во Лигата на нациите (ЛН) беа победени Гибралтар и Лихтенштајн и беше претрпен пораз на гости од Ерменија. Во овој квалификациски циклус за пласман на ЕП 2020, Македонија ремизира на гости со Словенија во Љубљана со идентични 1-1.
Македонија и Израел играа и во минатиот циклус квалификации за Светското првенство (СП) 2018 во Русија. Двете репрезентации победија на гости, Македонија со 2-1, а Израел со 1-0.

Ако се суди според постигнувањата на Македонија на гостувањата во минатите две и пол години, а и според прикажаната игра против Израел, реално е да се очекува успешната резултатска серија да продолжи и на следниот меч против Летонија во Рига, во третиот меѓусебен натпревар. Во првото коло, во март, Македонија ја совлада Летонија во Скопје со 3-1, а победа беше забележана и во првиот, пријателски натпревар во март 2014-та (2-1).

Летонците што синоќа ѝ гостуваа на Австрија, на четирите претходни меча претрпеа исто толку порази, со гол-разлика 1-13! На последните седум меча на домашен терен, во Рига, Летонците немаат забележано ниту една победа, со две ремија и пет порази. На последните три меча, пак, кои ги загубија дома, не постигнаа ниту еден гол. Ваквите статистички показатели ѝ одат во прилог на Македонија, но треба да се одигра најмалку на нивото од мечот во Израел, да се забележи победа и да се фати приклучок во борбата за врвот на табелата. 


Група Г
Израел – Македонија 1-1
синоќа играа
Словенија – Полска
Австрија – Летонија
ТАБЕЛА
1. Полска 4 4 0 0 8-0 12
2. Израел 5 2 2 1 9-8 8
3. Австрија 4 2 0 2 7-6 6
4. Македонија 5 1 2 2 6-8 5
5. Словенија 4 1 2 1 7-3 5
6. Летонија 4 0 0 4 1-13 0
Двојки за понеделник: Летонија – Македонија, Полска – Австрија и Словенија – Израел.