Македонија од Гибралтар тргнува кон пласман на ЕП 2020

218

Ги реализиравме подготовките, се навикнавме на временските услови и на условите за игра, пред сѐ на теренот. Нема да експериментираме со тимот, ќе настапат најдобрите. Верувам дека сите ќе имаат вистински пристап и со победа ќе почнеме во ова натпреварување, изјави селекторот Игор Ангеловски, пред мечот вечерва (20.45 ч.) со Гибралтар, во 1-то коло на Лигата на нациите

Македонската фудбалска репрезентација вечерва (20.45 часот) со гостување кај селекцијата на Гибралтар (стадион „Викторија“, терен со вештачка трева) го почнува настапот во Лигата на нациите, новоформираното натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА). Македонија е во лигата Д, во која се и Ерменија и Лихтенштајн, чиј меѓусебен меч е од 18 часот.

– Ги реализиравме подготовките, се навикнавме на временските услови и на условите за игра, пред сѐ на теренот. Верувам во моите фудбалери и убеден сум дека ќе оствариме позитивни резултати. Нема да експериментираме со тимот, ќе настапат најдобрите. Верувам дека сите ќе имаат вистински пристап и со победа ќе почнеме во ова натпреварување – изјави селекторот Игор Ангеловски.
Целта на македонската репрезентација е да биде прва во групата. Според пропозициите на натпреварувањето, победниците на четирите групи од лигата Д треба да играат на фајналфорот (турнир во една земја, со две полуфиналиња, а потоа финале), од каде што победникот ќе се пласира на континенталното првенство. Истото важи и за посилните лиги, А, Б и Ц. Со триумф во групата, Македонија ќе обезбеди и играње во лигата Ц, во следното издание на натпреварувањето.
– Лигата на нациите е нова шанса за сите нас. Се подготвуваме долго време, веќе неколку години сме заедно во репрезентацијата и одлично се познаваме. Денешниот фудбал не дозволува опуштање, фаворити сме против Гибралтар, но мораме тоа да го потврдиме на натпреварот. Не бегаме од фаворитската улога и ќе го покажеме тоа на теренот. Голем дел од нашите репрезентативци играат во одлични клубови, стандардни се во своите екипи и се надевам дека тоа ќе го пренесеме и низ натпреварите во Лигата на нациите – вели репрезентативецот Стефан Ристовски.
Во секоја од четирите лиги на фудбалската Лига на нациите, А, Б, Ц и Д, селекциите се поделени во по четири групи. Победниците од групите во лигите Б, Ц и Д ќе се пласираат во една лига погоре за следното издание на натпреварувањето, а последнопласираните во групите во лигите А, Б и Ц ќе испаднат еден ранг подолу. Секој од победниците на групите ќе игра на фајналфорот за соодветната лига (во март 2020 година), од каде што победниците ќе се пласираат на Европското првенство во 2020 година.

Домаќините на фајналфор-турнирите ќе бидат одредени подоцна, од некој од учесниците на тој завршен турнир, што значи дека апликација ќе може да под несе и Македонија. 


Гол-разлика 5-103 и тесен пораз од Кипар во последните минути

Гибралтар е најновата членка на Светската фудбалска федерација (ФИФА), која досега учествуваше во два циклуса квалификации, прво за Европското првенство во 2016 година во Франција, а потоа и за Светското првенство годинава во Русија. На 20-те официјални меча Гибралтар забележа 20 порази, со вкупна гол-разлика 5-103, по дуелите со Белгија, Грција, БиХ, Естонија, Кипар (во циклусот за СП 2018), Германија, Полска, Република Ирска, Шкотска и со Грузија (во квалификациите за ЕП 2016). Највисоките порази на Гибралтар се од Белгија со 0-9, потоа од Полска со 1-8, како и од Република Ирска, Германија и од Полска со по 0-7. Најблиску до реми Гибралтар беше на дуелот со Кипар, дома, кога загуби со 1-2, со гол примен во 87-та минута.
Гибралтар одиграл и 10 пријателски натпревари, во кои забележал две победи, три ремија и пет порази. Победите се дома и тоа над Малта со 1-0 во 2014 година и над Летонија со 1-0 во март годинава. Гибралтар одигра нерешено со Словачка (0-0 во 2013 година, дома), Естонија (1-1 во 2014 година, на гости) и со Лихтенштајн (0-0 во 2016 година, дома).
Актуелната репрезентација е составена главно од фудбалери од домашното првенство, со тројца интернационалци во Англија, од Дарлингтон (шеста лига), Абингдон јунајтед (деветта лига) и од Вест Дигсбари (деветта лига). Најискусни во составот се првиот стрелец и некогашен фудбалер на Портсмут, Лиам Вокер (29 натпревари и два гола) и капитенот, Рој Чиполина (28 меча, еден гол).


Николов: Многу е важно да почнеме со победа

Натпреварите со Гибралтар и со Ерменија се многу важни. За нас ова е голем предизвик, но треба да одиме чекор по чекор кон првото место. Сега се фокусираме на мечот против Гибралтар, а многу е важно да почнеме со победа. Очекувам добар натпревар, треба да влеземе максимално подготвени. Реално, фаворити сме, но не треба да потцениме ниту една репрезентација, затоа што фудбалот носи секакви изненадувања, вели плејмејкерот Бобан Николов, за интернет-страницата на ФФМ.


Муслиу: Нема лесни натпревари

Знаеме дека нема лесни натпревари и така ќе се однесуваме и на дуелот со Гибралтар. Не го знаеме нивниот квалитет, но имаме доволно време да анализираме и да ги забележиме нивните слаби страни, а денеска да славиме прва победа, изјави одбранбениот играч Висар Муслиу, за интернет-страницата на ФФМ.