Македонија лесно се справи со Летонија, на ред е Словенија

210
Момент однатрпреварот во Скопје Фотографии: Игор Бансколиев

Утревечер Македонија ја очекува нов, потежок испит, на гостувањето против Словенија во Љубљана, која во првиот меч ремизира со Израел во Хаифа

Македонија со триумф над Летонија од 3-1 во Скопје ја започна квалификациската кампања за Европското првенство (ЕП) 2020 година, во групата Г, како што најавија капитенот Горан Пандев и селекторот Игор Ангеловски пред мечот.

Македонија играше офанзивно, беше доминантна речиси во текот на целиот натпревар, создаде повеќе шанси и сосема заслужено победи, по шести пат на последните седум натпревари! Штета е само што Пандев настапот на јубилејниот 100-ти меч не го „зачини“ со гол, како примениот гол во финишот при падот на концентрацијата во одбраната. Но тоа воопшто не го намалува општиот позитивен впечаток дека Македонија одигра зрело и квалитетно, што е добра најава дека во оваа група може да биде конкурентна со ривалите и оти може да се надева на освојување едно од првите две места. Дел од статистиката од мечот вели дека Македонија имала посед на топката од 62 отсто (наспроти 48 на противникот), упатила 26 удари, од кои осум во рамките на голот (Летонците само седум удари, од кои два на голот). За Македонија ова беше втора победа над Летонија (2-1), на двата досегашни натпревара, претходно во пријателскиот дуел во Скопје, на 5 март 2014 година, на селекторското деби на Бошко Ѓуровски.

Пофалби за победата и за добрата игра заслужуваат сите фудбалери што настапија на мечот, како и селекторот за поставеноста на играта. Пандев капитенски го предводеше тимот, од него почнуваа речиси сите акции на Македонија. Кога е тој во игра сите околу него се посигурни, па и подобри, што најдобро се виде по неговото излегување од игра во 70-та минута, кога со овации беше поздравен од публиката. Сепак, ако треба да се обележи некој, тогаш тоа е младиот Елиф Елмас, кој постигна два гола, први за него, за Македонија, и го одмени „батко Горан“, како што од почит, како што појасни селекторот Ангеловски по мечот, го нарекува својот капитен.

– Задоволен сум, она што го посакувавме, го остваривме, победивме и стартуваме со три бода во квалификациите. Горан заслужи јубилејот да му го честитаме со победа. Пресреќен сум што работам со таков исклучителен играч, но и човек. Искрено им посакувам и на другите фудбалери да стигнат во таа бројка репрезентативни натпревари – изјави селекторот Ангеловски по мечот.

Натпреварот и победата над Летонија, сакале или не, македонските репрезентативци ќе мора брзо да ги заборават и да се сконцентрираат на дуелот против Словенија, утревечер во Љубљана. Словенците во првиот меч на гости против Израел во Хаифа ремизираа, 1-1, со што ја продолжија серијата од девет официјални дуели без победа (четири ремија на последните четири средби). Тоа би требало да биде предупредување за Македонија дека Словенците ќе сторат сѐ да ја прекинат таа серија и да ја прокнижат првата победа по подолго време.

– Игравме добро против Летонија, но јас пред тој меч реков дека на следните натпревари очекувам да играме уште подобро. Но сега не треба да нѐ зафаќа било каква еуфорија, одиме на следниот меч со Словенија, за кој можам да ветам дека ќе возвратиме со беспоштедна борба, што се надевам дека ќе биде доволно за позитивен резултат. Сѐ уште немам јасна слика во каква формација ќе играме, ќе треба да го погледнам мечот на Словенците со Израел, по што ќе имам многу појасна слика за нивниот квалитет – истакна Ангеловски.

Кога ќе се споменат Словенија и фудбалот, мора да се каже дека Македонија првиот, официјален, пријателски натпревар по осамостојувањето, го одигра токму против Словенија, на 13 ноември 1993 година во Крањ, и забележа победа од 4-1. Оттогаш Македонија и Словенија одиграа уште три меча, сите пријателски, што значи дека утрешниот е прв официјален, за ЕП или СП. Македонија забележа две победи, во март 1994-та, 2-0, и во ноември 2012-та, 3-2. Словенците единствената победа ја забележаа, во март 2016-та, во Копер, 1-0. 


Колку пари, толку фудбал!

Љубителите на спортот и на фудбалот во Македонија, натпреварите на македонската фудбалска репрезентација, во квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2020, и како и лани (и в година) во Лигата на нациите (ЛН), не ќе можат да ги следат преку националниот сервис, Македонската радио-телевизија (МРТ), ниту пак преку некоја од приватните ТВ-станици. Главната причина за тоа е високата сума пари што ја побара УЕФА во наддавањето преку специјализираните спортски канали во регионот, која МРТ не можеше да ја плати. Ексклузивните права ги има Спорт клуб (дел е од американската Јунајтед групација), кој меѓу другите ги „покрива“ и земјите на поранешната СФР Југославија. Според некои информации, Спорт клуб за правата за преносите во квалификациите и на финалниот турнир од ЕП 2020 платила околу 20 милиони евра. Поединечно по земја таа сума е помала, но тука постојат разни клаузули и одредби околу техничката логистика, сигнали, камери и слично што МРТ не може да ги исполни.
Во моментов, ако е за утеха, домашните квалификациски натпревари на Македонија, ќе одат со коментар на македонски јазик на Бранко Илиевски, поранешен новинар на Телма. За покривање на гостинските натпревари со македонски коментатор, Спорт клуб нема интерес.
Во Хрватска натпреварите на „коцкестите“ одат на приватната Нова ТВ, која понуди повеќе пари од националната ХРТ. Исто е и во Србија, каде што, наместо на РТС, преносите на репрезентацијата ќе одат на Нова С (порано Топ канал).


Пандев 100 меча во дресот на Македонија

Капитенот на Македонија, Горан Пандев, не успеа да им даде гол на Летонците, но мечот одигран на 21 март 2019, ќе го памети до крајот на животот. За него тоа беше 100-ти официјален натпревар во националниот дрес (33 постигнати голови), со што, освен него, може да се пофали само Гоце Седлоски.
Утрешниот натпревар против Словенија е шанса за Пандев по 101. пат да заигра за Македонија и да стане апсолутен рекордер во таа категорија. Првиот официјален меч во црвено-жолтиот дрес на Македонија, за Пандев беше против Турција (3-3), на 6 јуни 2001 година, во Бурса, во квалификациите за СП 2002 година во Јапонија и Јужна Кореја. Неофицијално, дебито на Пандев беше на мечот против шпанската провинција Астурија (0-1) во Овиедо, на 23 декември 2000.


МАКЕДОНИЈА – ЛЕТОНИЈА 3-1 (2-0)

Скопје – Арена „Филип Втори Македонски“. Гледачи: околу 8.000. Судија: Халис Озкахуа од Турција. Стрелци: Езџан Алиоски 11, Елиф Елмас 29 и 90+3 за Македонија – Дарко Велкоски, автогол, 87 минута за Летонија. Жолт картон: Циганикс. Црвен картон: Циканикс (Летонија).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Велкоски, Алиоски, Трајковски (Маркоски 83’), Пандев (Ристевски 71’), Хасани (Елмас 23’), Николов, Барди, Несторовски.
Селектор: Игор Ангеловски
ЛЕТОНИЈА: Ванинс Штеинборс (33’), Максименко, Ошс, Дубра, Габовс, Шабала, Улдрикис (79’), Карашаускас (Тоберс 68’), Исајевс, Циганикс, Ракелс, Тарасовс.
Селектор: Славиша Стојановиќ