Македонија има неверојатна серија на домашна непобедливост

241
Македонските фудбалери ја слават победата над Летонија пред пет години во тест-меч Фото: Дарко Андоновски

Од 1994 година, откога фудбалската репрезентација на Македонија дебитира во квалификациите, црвено-жолтите одиграа пет меча дома во првото коло, забележаа четири победи и едно реми и примија само еден гол, пред 25 години. Во 1-то коло од циклусот за ЕП 2020, Македонија в четврток ја пречекува Летонија

Македонската фудбалска репрезентација денеска ги почнува подготовките за почеток на новиот циклус, овој пат во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година. Прв ривал е селекцијата на Летонија, в четврток, во Скопје, на арената „Филип Втори“. Тоа ќе биде можност и за продолжување на една серија на непобедливост.

Фудбалската репрезентација на Македонија досега нема пораз во првото коло од квалификации за европски или за светски првенства кога играла дома. На пет натпревари се забележани четири победи и еден нерешен резултат.

Серијата за Македонија почна во квалификациите за Европското првенство во 1996 година во Англија, кога во 1-то коло, на 7 септември 1994 година, во Скопје ремизира, 1-1, со Данска, за која играа и Петер Шмајхел, Михаел Лаудруп, Јон Јенсен, Брајан Лаудруп… Избраниците на тогашниот селектор Андон Дончевски водеа со 1-0, со голот на Митко Стојковски од 5. минута, а Данците израмнија во 86. минута. Тоа беше дебитантски меч за Македонија во квалификации.

Веќе во следниот циклус, овој пат првпат за пласман на еден мундијал, за Светското првенство во 1998 година во Франција, Македонија во првото коло, на 24 април 1996 година, во Скопје го совлада Лихтенштајн со 3-0. Селектор на Македонија тогаш беше Ѓоко Хаџиевски. Со овој меч почна и серијата без примен гол дома во првото квалификациско коло.

Во следните квалификации црвено-жолтите одново во првиот меч играа дома, во циклусот за пласман на Европското првенство во 2000 година во Белгија и во Холандија. На 6 септември 1998 во Скопје репрезентацијата на Македонија, под водство на Хаџиевски, славеше во првото коло на дуелот со Малта, со 4-0.
Победа без примен гол беше забележана и во 1-то коло од квалификациите за пласман на Светското првенство во 2006 година во Германија. На 18 август 2004 година Македонија, чиј селектор тогаш беше Драган Канатларовски, во Скопје ја победи Ерменија со 3-0. Во следниот мундијалски циклус, за пласман на Светското првенство во 2010 година во Јужна Африка, Македонија со Словенецот Среќко Катанец како селектор, на 6 септември 2008 ја победи Шкотска со 1-0.

Следните четири циклуса Македонија ги почнуваше квалификациите со меч на гости. Во првото коло на туѓ терен Македонија играше седум пати, има по една победа и реми, како и пет пораза, со вкупна гол-разлика 4-12. На домашен терен вкупната гол-разлика е 12-1.

Летонија, пак, во првите кола на гости нема пораз на четирите меча од 12-те циклуса (победи над Норвешка со 3-1 во 1998 година, Молдавија во 2008-та со 2-1 и над Андора во 2016 со 1-0, како едно реми, со Казахстан, 0-0, во 2014 година). На домашен терен, пак, Летонија во 1-то коло нема ниту една победа, има едно реми и седум порази, со вкупна гол-разлика 2-14.

За македонската фудбалска репрезентација ова ќе бидат седми квалификации за пласман на едно континенталното првенство, а 14-то натпреварување вкупно (уште и шест квалификации за светските првенства и еден настап во Лига Европа). Македонија е во групата Г, заедно со Полска, Австрија, Израел, Летонија и со Словенија. На ЕП 2020 ќе се пласираат најдобрите две селекции од секоја од десетте групи. 


Летонците со седум фудбалери од мечот во Скопје пред пет години

Македонија и Летонија досега одиграа само еден меѓусебен фудбалски меч, пријателскиот на 5 март 2014 година, кога во Скопје славеше Македонија со 2-1, на дебито на Бошко Ѓуровски како селектор. Од играчите што настапија на тој меч сега за натпреварот в четврток во Скопје, во 1-то коло од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година, на списокот на селекторот Игор Ангеловски се петмина – Кире Ристевски, Стефан Спировски, Ферхан Хасани, Крсте Велкоски и Иван Тричковски.
Кај Летонците, пак, на списокот на селекторот Славиша Стојановиќ од тој дуел пред пет години се седуммина, и тоа голманот Андрис Ванинс, потоа Владиславс Габовс и Антонс Куракинс од одбраната, Артурс Зјузинс, Алексејс Вишнаковс и Ритварс Ругинс од средниот ред и напаѓачот Валеријс Шабала.