Македонија го победи Лихтенштајн

552

Македонската фудбалска репрезентација го совлада Лихтенштајн со 2:0 вечерва на гостувањето во Вадуц и направи голем исчекор кон освојување на првото место во четвртата група од Д-лигата во Лигата на нации. За такво нешто на „црвено-жолтите“ ќе им биде доволен само бод во последното коло.

Иако, Македонија важеше за апсолутен фаворит на вечерашниот дуел, сепак до трите бода дојде потешко од очекувањата.

Стрелец на првиот гол беше Енис Барди во 53. минута кој со удар од слободен удар успеа да го сруши „бункерот“ на домаќинот. На голот му претходеше груб старт на  над Пандев, па по вториот жолт картон доби црвен и беше исклучен.

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски до крајот имаа играч повеќе на теренот, а иницијативата ја круниса со погодок Илија Несторовски во втората минута од судиското надополнување.

На другиот натпревар од 5.коло во оваа група, Ерменија триумфира во Гибралтар со 6:2.

Табела: Македонија 12 бода, Ерменија 9, Гибралтар 6, Лихтенштајн 3.

Македонија во последното (6.коло) на 19.ноември во Скопје е домаќин на Гибралтар на дуел каде и со бод ќе го потврди првото место и пласманот во Ц-лигата, како и учеството плеј-оф за пласман на Европското првенство.