ЛШ ќе се доигрува со фајналејт-турнир?

47

Според шпанскиот дневен спортски весник „Мундо депортиво“, УЕФА и ЕКА, наводно, разгледуваат план Б за Лигата на шампионите, со турнир со осум екипи во Португалија, кој би завршил до 22 август

ФУДБАЛ

Европската фудбалска унија (УЕФА) и Европската асоцијација на клубови (ЕКА), наводно, разгледуваат план Б за Лигата на шампионите (ЛШ), односно за т.н. завршен турнир со осум екипи, фајналејт, во Португалија, кој би се комплетирал до 22 август.
Според шпанскиот дневен спортски весник „Мундо депортиво“, тој план Б го разгледуваат Извршниот комитет (ИК) на УЕФА и ЕКА, чиј претседател е првиот човек на Јувентус, Андреа Ањели.
На фајналејт-турнирот би се играл по еден натпревар, со продолженија или на пенали доколку по 90-те минути нема победник. Со тоа клубовите би играле помалку мечеви и би се минимизирало патувањето за време на пандемијата на коронавирусот.

„Мундо депортиво“ пишува дека Португалија, и конкретно Лисабон би биле домаќини, а во шпекулациите за потенцијален домаќин се спомнува и Германија.
Во моментов планот е во периодот од 4 до 29 август натпреварите во ЛШ да се доиграат во вообичаениот формат, прво со докомплетирање на осминафиналната рунда, потоа на четврт-финалната, полуфиналната и финалето во Истанбул. УЕФА пред неколку дена објави дека ги проучува „сите опции“ за форматот за комплетирање на прекинатата ЛШ и се надева дека ќе ги заврши натпреварите до крајот на август, со натпревари зад затворени врати.

– Ги разгледуваме сите опции во врска со календарот и со форматот на натпреварите во работната група во која се вклучени клубови, лиги и национални здруженија. Уште не е донесена одлука, но тоа би требало да се случи на состанокот на Извршниот комитет на 17 јуни – изјави портпаролот на УЕФА за агенцијата АФП.
Во четврт-финалето на ЛШ сезонава досега се пласираа Атлетико Мадрид, Аталанта, Лајпциг и Пари сен Жермен. За уште четири места меѓу осумте најдобри треба да се одиграат уште четири реванши од осминафиналето, и тоа Јувентус – Лион (прв меч 0-1), Манчестер сити – Реал Мадрид (2-1), Баерн – Челси (3-0) и Барселона – Наполи (1-1).
Можни се измени и во форматот на Лига Европа (ЛЕ), чие финале треба да се игра во полскиот град Гдањск. Во ЛЕ сезонава до прекинот на сезоната се одиграни само шест први дуели од осминафиналето.